Маж и жена, обајцата од благороден и богат род, од Никомидија. Адријан беше незнабожец и началник на преторот, а Наталија потајна христијанка. Беа млади и живееја во брак тринаесет месеци до мачеништвото. Кога свирепиот цар Максимијан ја посети Никомидија, заповеда христијаните да се фаќаат и да се подложуваат на маки. Во близина на градот, во една пештера, беа собрани дваесет и тројца христијани. Некој ги поткажа кај власта и беа луто камшикувани со воловски жили и биени со стапови, па потоа ги фрлија во затвор. По ова ги изведоа од затворот и ги одведоа кај преторот заради попис на имињата. Адријан ги гледаше овие луѓе, измачени и трпеливи, мирни и кротки, па ги заколна да му кажат што очекуваат од својот Бог за толкуте претрпени маки. Тие му говореа за блаженството на праведните во Царството Божјо. Кога го слушна тоа и повторно се загледа во нив, Адријан одеднаш се сврте кон писарот и му рече: „Запиши го и моето име со светите, и јас сум христијанин.“ Писарот, кога слушна, го праша: „Да не слезе полуде?“ Одговорот на Адријан беше: „Не полудев, туку се вразумив.“ Откако слушна за ова Наталија многу се израдува и кога Адријан со другите седеше окован во затворот, таа дојде и им служеше на сите; а кога мажот ѝ го биеја и го измачуваа со разни маки, таа го храбреше да истрае докрај. После долги маки во затворот, царот нареди таму да се однесе наковална за да им ги толчат со чекан рацете и нозете. Ова беше извршено, и така Адријан и останатите дваесет и тројца мажи издивнаа во претешки маки. Нивните мошти Наталија ги пренесе во Цариград, каде што ги погреба чесно. По неколку дена и се јави свети Адријан, сиот во светлост и надземна убавина и ја повика да појде кај Господа. Света Наталија мирно Му го предаде на Бога својот дух.
Редакцијасептември 8, 2022
posted on
denovi.mk