АктуелноОхрид

Отворени 61. Струшки вечери на поезијата

Струшките вечери на поезијата се отрезнувачка опомена на новото време, а поетите се наши исцелители, забележа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 61. издание на најпрестижната поетска манифестација.

Во зборовите на поетите, како што нагласи, многу пати сме нашле утеха, а зборовите што нас не лекуваат, се нивна болка опишана и запишана низ најубави зборови, во магични стихови.

– Во свет во кој поезијата сė помалку ја има, а сė повеќе ни треба, добре дојдовте на нејзиниот остров, добре дојдовте во поетска Струга. И ако поезијата е кралица на литературниот израз, тогаш Струга е светска престолнина на поезијата, и вечерва, по 61. пат, рече Костадиновска – Стојчевска во своето обраќање на официјалното отворање на Струшките вечери на поезијата.

Осврнувајќи се на младите генерации, но и новото модерно време забележа дека се помалку комуницираме и зборуваме, а најубавите зборови од мајчините јазици ги заменуваме со „емотикони“.

– А каде е зборот, каде се чувствата. Дали имаме страв од Платоновата мисла дека поезијата е поблиску до вистината отколку историјата или постои ли извесен страв од поезијата зашто таа е соочување со самиот себе. Да, ние веќе поинаку комуницираме и со другите, но и со себеси, рече министерката за култура.

По палење на Фестивалскиот оган, манифестацијата продолжи со традиционалното читање „Меридијани“. Годинашното 61. издание на Струшките вечери на поезијата почна денеска со садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златниот венец“ јапонски поет Шунтаро Таникава, кој поради поодмината возраст не присуствува физички, а признанието во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава.

svp