Охрид

Врвен професионализам и висока експресивност на младите музичари од мајсторскиот курс на Перцан и Гулијева

Многу романтика и врвен професионализам покажаа младите, но исклучително талентирани уметници кои годинава учествуваа на меѓународниот музички мајсторски курс во Охрид под раководство на пијанистката Тамила Гулијева и виолинистот Емилио Перцан.

Тие вчеравечер музицираа на подиумот во црквата „Света Софија“ доловувајќи ги стекнатите знаења и вештини врз своите инструменти.

Како што вели македонскиот виолинист Емилио Перцан кој има активна педагошка и изведувачка кариера и чии студенти се  добитници на  повеќе од 150 меѓународни награди, годинава на мајсторскиот курс учествуваа 14 учесници.

-Годинава имавме четиринаесет учесници од Австрија, Бугарија, Грција, Турција, Германија, Србија и од Македонија. Имавме интересен склоп на луѓе. Се чувствуваше експресивноста и во работата, и во свирењето и воопшто, во комуницирањето. На завршниот концерт донесовме многу романтика, голема виртуозност, многу различни бои преку делата што беа интерпретирани, вели Перцан.

Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржува во Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија се одржува во Охрид. Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од повеќе земји.

Завршните концерти на учесниците секоја година се одржуваат во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

 

НУ Охридско лето