Пишува Проф. – др Ангела Паскуале – Лидер на Конвивиум Слоу Фуд- Охрид
Сонцето полека заоѓаше со својата раскошна глетка, а отсјајот на зраците кои паѓаа на мирната езерска површуна како да се отсликуваа на ѕидините на Долна порта. Целата атмосфера делуваше магично и спокојно како филмска сцена. Спомените навираа на моето детство поминато на плажата Ј’но, малата плетена колиба каде што денес е Аквариус, жалните врби на плажите кои беа нечепнати и природни, на малата бавча со домати и пиперки пред куќата на мојата баба на местото каде е денешната Ноа.
Плоштадот Долна Порта можеби е едно од најубавите места со својот амбиент кој крие многу култура, традиција и минато плетено со векови преку многу генерации. Од едната страна два милиони старото Езеро со сите свои автохтони видови, од друга страна стариот град со црквата Канео кој буди восхит, а назад плоштадот Долна Порта низ која минале многу луѓе. Се верува дека Охрид е еден од најстарите градови кој постои околу 8000 години, а ова долговековно опстојување се смета дека се должи на црквата “ Св. Никола” која е веднаш позади Долна Порта, и тука луѓето пред да влезат во градот биле контролирани, така што сите што биле болни биле спречени да влезат внатре. На тој начин било оневозможено ширење на епидемии и други болести.
На плоштадот Долна Порта почнаа да се местат прекрасни штандови со локални продукти, а звуците на охридската староградска музика ја надополнуваа оваа прекрасна атмосфера.
Слоу фуд приврзаниците кои се членови на конвивиумот Слоу Фуд-Охрид преку своите уникатни приказни полни со искрена љубов кон трдицијата и локалниот идентитет ги освоија срцата на посетителите. Ја набљудував оваа магична атмосфера, и се радував кога случајните минувачи со благопријатна насмевка подзастаснуваа и ниту еден не ја одмина без да намине и да погледне што се случува.
Приказната за Слоу Фуд-Охрид тлееше многу години, неофицијално еден по еден многу поединци се освестуваа и разбираа колку е важно да ја негуваме традицијата, да дадеме важност на локалното и да создадеме своја ниша, своја препознатливост во овој суров свет на глобализација.
Меѓу првите членови на Слоу фуд беше Будимир Соколовиќ, кој пред десетина години ја започна својата приказна со својата фамилијарна винарија Мал °Св. Климент°. На неговиот штнд беа изложени вината направени од охридско бело охридско црно и памит, автохтони сорти грозје типични за нашиот регион. Тој беше единствениот поборник кој ја иницира ревитализацијата на овие сорти на грозје кои што со процесот на комерцијализација беа подзаборавени. Можете да замислете кое чувство се раѓа кај туристите кога на лединката каде што го одгледува грозјето, со спокојот на природата се чукаат чашите со црвена течност која во себе ги содржи соковите на нашата земја, букето составено од миризливи ноти кои ги носи исклучиво само нашиот тероар, надополнети со незаборавната приказна за амфорите и исконскиот начин како што го правеле виното нашите дамнешни претци!
Потоа се надоврзува приказната за макалото од лук од Papas food-Охрид со рецепта која што се пренесувала преку многу генерации, но намирниците се едноставни охридски лук, масло, сол и многу љубов. Можеме да зборуваме за многу деликатеси и комплексни јадења, но овој намаз е природен лек за хедонистичко уживање. Намачкан на парче домашен леб или охридско ѓеврече Ви буди чувство на среќа и задоволство кое што некогаш не може да го добиете ниту во некој мишелин ресторан. Содржината на природен германиум, за кој фармацевската индустрија наплаќа високи суми за синтетичка формула, го внесувате со ова макало од лук на природен начин со галење на вашето непце.
Штандот со фамилијарниот натпис Бачевски целиот дишеше на Охрид. Оваа фамилија која има привилегија да ја минува секојдневно калдрмата ва стариот град и да ги гледа најубавите зајдисонца од височината над црквата Канео, својата убава душа ја имаат преточено во нивните уникатни производи. Сања Бачевски во својот стакленик со најубавиот поглед кон Охрид, ги негува своите микробилки со својата љубов и охридското сонце. ‘Ркулци што живот значат, најголемиот животен потенцијал кој што оваа планета може да го креира од нешто толку мало, да порасне во нешто многу големо. Тоа е супер храна која што ако е споредува квантитет со квалитет на биолошки активни материи станува збор за нутритивно најгустата храна која заменува многу синтетички суплементи. Нејзиниот сопруг е волшебник кој што од дрвото со потекло од охридскиот регион создава предмети кои ја отсликуваат традицијата…. охридска куќа, охридски чун, дуборез со локални орнаменти…
Домаќинството “Пирустија Неданоски” со силната жена Наташа плени со својата оригиналност. Хипи приказна чиво мото е “Дојдете и поминете го денот со мене, како тоа што го прави моето семејство” спонтано, со искрени насмевки, со јадење кое што сум го зготвила за нас, а ќе го поделам со Вас, без наместени насмевки, сценарио и завеси кои што се подигаат и спуштаат. Убавите пити, гомлезето, природните слатка и џемови, домашна ракија, во опуштена атмосфера со прекрасен поглед кон градот, Ве успокојува, Ве враќа назад во времето кога се почитуваа вредностите, кога животот имаше друго значење и вредности, еднооставно Ве носат во друга димензија далеча од стресот, бучавата, градскиот метеж и брзањето. Кога си заминувате едноставно знаете дека сакате што поскоро повторно да се вратите кај ова семејство кое целосно без резерва Ви ја разгалува душата и Ве потсеќа дека луксузните ресторани, лажните пријателства, наместените насмевки не можат да Ви ја стоплат душата како ова хипи искрено дружење.
Брашно, вода, сол и многу љубов содржат лебовите кои ги прави нашата членка Весна Миленкоска. Ферментираниот леб го измислиле Египјаните, и уште од тогаш лебот се подготвува со квасни габи кои го транформираат шеќерот во СО2 и вода. Весна своите лебови ги подготвува без квасец со природна ферментација која трае 24 часа. Кога ќе ја погледнете Весна и веднаш нејзиниот карактер ќе го забележете во нејзиниот леб…. префинетост со артистичен пристап, смиреност и бескрајна добрина како душата на нејзиниот леб. Средината со изедначини шуплини, зачудувачки мек и вкусен. Природниот вкус кој наликува на лебот на нашите баби, со мирис на карамела и чувство на среќа и безгрижно детство ти ги облагородуваат сетилата и ти ја смируваат душата како памук.
Фамилијата Су се познати угостители во нашиот град кои како вистински турци, ги негуваат балканските традиции и не потсетваат дека меракот нема цена. Тазе мелено турсо кафе подготвено на песок и послужено во убав сет за кафе. Дали овој мерак се заборава! Да седеш гледајќи го Охрид со својата магична убавина, да пиеш турско кафе бавно сварено на песок и да слушаш охридска чалгија! Дали тој момент туристите може да го заборават?
Sezer’s Organic Farm е уште една уникатна приказна која бара внимание. Органски зеленчук и овошје и волшебни намази од артичока, аспарагус се врвни деликатеси кои што би ги посакал секој мишелин шеф. Но напротив, неговата филозофија е токму поинаква…. дојдете на мојата фарма и земете само од тука! Е тоа вистинско слоу фуд размислување, кога храната минува нула километри од производителот до купувачот!
Сите ја сакаме позната Нутела од Фереро, и не постои некој кој не ја пробал! Но кога ќе го пробате путерот од лешник, ореви, фстаци од нашиот шеф Пеце Клечкароски веднаш ќе речете “па ова е подобро од Нутела”. Не само што е повкусно, туку многу поздраво. Намаз кој Пеце повеќе години го доусовршува, што чинам дека денес веќе има постигнато хедонистичка еуфорија. Кога го ставате во устата, свилената текстура Ви ги гали непцата, чувството на мекост и фина хармонија Ве разгалува, а сератонинот од какаото веднаш Ви предизвикува среќа! Зарем постои нешто подобро од оваа хедонистичка еуфорија, кога телото добива нешто квалитетно и здраво, душата е разгалена, а срцето среќно!
Маслото од лешник кое што го произведуваат фамлијата Перески е уште еден локален производ направен од леските кои што ги црпат соковите од нашата почва и го претвораат во скапоцено жолто течно злато. Кога ќе го почувствувате мирисот веднаш сакате да го пробате зошто аромата опива, а ако ставите на кожата создава чувство на пријатност и хидратација. Омега 3 масните коиселини се важни за зачувување на еластичноста на крвните садови, влегуваат во структурата на белата маса на мозокот и имаат изразен оксидативен карактер. Можеби и најскапите креми нема да Ви го дадат тој ефект, како ова производ кој е дар од природата.
Посетителите беа мошне изненадени кога настанот Вкусете го Охрид, локално беше збогатен со неколку авангардни приказни кои придонесоа нашата вечер да биде уште поатрактивна. Тука беше пицата Македонка (Охридска) подготвена од исклучиво локални продукти од Pizzeria Prova и пица мајсторот Марко, охридски хамбургер од Bro’s Burger Station, потоа здравиот сендвич со печено месо кое се подготвува бавно и се служи во домашен леб, подготвен од Бре’д “Comfort food”. Овие вкусови ја збогатија разновидноста на охридскиот вкус, и внесоа нова енергија и пристап кој што беше одлично прифатен од посетителите.
Голема благодарност упатуваме до сите останати учесници од останатите конвивиуми кои што исто така се презентираа со многу креатвни производи како деликатесите од таруфи од семејството Митрови, “Моја бавча” од Александра Лозановска со домано подготвени овошни преработки, маслото од афион, домашно пиво, вино и сл.
Настанот Вкусете го Охрид, локално предизвика голем интерес кај посетителите кои воодушевено бараа да се повтори.
Настанот беше организиран од Слоу Фуд Охрид, со поддршка на Слоу Фуд Македонија и Општина Охрид.
Успешното реализирање на настанот беше во голема мера потпомогнато од безрезерната поддршка околу логистиката и медиумската промоција од страна на нашиот член Катрина Василеска, како и поддршката од професорката Јасминка Иваноска.
Денес кога националните граници исчезнуваат или стануваат се попорозни со трендот на асимилирање кон Обединета Европа, храната станува единствен важен извор на идентитет.
Кратката многу позната изрека “Ние сме тоа што јадеме” на филозофот Ludwig Feurbach кој живеел во деветнаесетиот век, во целост го означува односoт помеѓу храната и традиционалните вредности и одлики на еден народ. Стратегијата на Slow food движењето не е само носталгичен назаден поглед на светот со изгубени моменти на задоволство. Ова еко-гастрономско движење негува специфична филозофија на бавно уживање во храната, но исто така и задржување на традицијата во исхраната со негување на еколошката свест.
Тоа подразбира исклучителна грижа околу начинот на производство на храната и нејзиното потекло. Бавната храна покрај тоа што треба да биде со добар вкус, неминовно е да биде произведена на таков начин што нема да ја загадува животната средина и да му штети на здравјето на луѓето.
Традиционалната, здрава и домашна храна треба да биде единствениот стратешки потег кон кој треба да се стреми гастрономската понуда во туризмот во Охрид.
Треба да се искористат старите занаети и обичаи и да се искористат сите расположливи сили со цел да се креира уникатна гастрономска понуда во која ќе бидат вклучени традиционалните колачи, специфичните видови теста како пити, зелници, ѓомлезето, питулиците, различните јадења од зеленчук и месо, сирења произведени по рецептот на нашите дедовци и баби. Тоа се вкусови кои не се забораваат и кои неминовно мора да се вклучат во туристичката понуда.
Мирисот на свежо испечениот леб, незаборавните вкусови на питите, вкусните традиционални јадења приготвени од свеж и чист зеленчук, кои посетителите ќе ги уживаат во опуштена атмосфера која во себе го носи идентитетот на едно долго опстојување остава впечаток кој се памети за навек. Нудејки му на светот нешто кое се отклонува од актуелниот тренд на хомогенизација, ние ќе пронајдеме сопствена “ ниша” во модерниот свет.
Лидер на Конвивиум Слоу Фуд- Охрид
Проф. – др Ангела Паскуале