АктуелноНаш изборОхрид

„Охридско лето“ го носи американскиот пијанист Стивен Бјус

Американскиот пијанист Стивен Бјус  вечерва ќе одржи целовечерен концерт на „Охридско лето“. Концертот е закажан во 21 часот во црквата „Света Софија“

Роден и пораснат на фарма во источен Вашингтон, Стивен Бјус започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а на само девет години дебитира со оркестар. Студира на колеџот „Витман“, на „Џулијард“ и на универзитетот „Стоуни Брук“, а негови професори и ментори се: Леонард Рихтер, Роберт Мекдоналд, Гилберт Калиш, Кристина Дал и Паулет Ричардс. Снима повеќе ЦД-а за различни издавачки куќи. Бјус е уметник поддржан од компанијата „Стенвеј“ и предава на Универзитетот „Бригам Јанг“.

„Неверојатно оригинален… уникатен изведувачки пристап“ се зборовите со кои критичарот на магазинот „Фанфари“ го опишува настапот на Стивен Бјус кој во само четири месеци се закитува со прва награда на натпреварот „Џина Бахауер“, прва награда на меѓународниот натпревар „Вендом“ во Лисабон и ја добива стипендијата „Макс Ален“ од страна на Асоцијацијата на американски пијанисти во Индијанаполис.

Како победник на натпреварот на школата „Џулијард“, Стивен Бјус дебитира во „Карнеги хол“ со оркестарот на „Џулијард“ под диригентската палка на Џејмс Де Прајст изведувајќи го Концертот бр. 3 од Прокофјев. Настапува како сoлист со оркестарот „Гулбенкијан“ во Лисабон, „Тиволи“ во Копенхаген, оркестарот на операта на Тбилиси, „Нортвест синфониета“ во Сиетл, Кралската филхармонија на Мароко, „Васа“ симофнискиот оркестар во Финска како и со оркестри во Хамбург, Индијанаполис, Нешвил, Санта Фе, Јута, Форт Ворт, Тусон, Џексонвил и др. Рециталните настапи го водат во „Вигмор хол“,  во салите „Гаво“ и „Корто“ во Париз, театарот „Сан Карло“ во Неапол, салата „Вајл“ во Карнеги Хол, како и во Шангај, Пекинг, Казахстан, Русија, Финска, Швајцарија, Португалија, Германија, Кина, Франција, Италија и Чешка.

 

НУ Охридско лето