Uncategorized

Миленикот на македонската публика Стефан Миленковиќ вечерва на „Охридско лето“

Српската вечер на „Охридско лето“ вечерва на сцената „Долни Сарај“ од 21 часот ќе го донесе големиот српски виолинист со светско реноме Стефан Миленковиќ и камерниот ансамбл „Камерата“ од Нови Сад со атрактивниот проект „Кармина Бурана“  од Карл Орф, а во режија на Ана Крстајиќ.

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција најави дека и во текот на годинешното 62-ро издание, фестивалот  ја продолжува традицијата за соработка со Амбасадите во Република Северна Македонија со чија помош се реализираат настапи на истакнати и еминентни уметници.

-Вечерва, во рамките на „Српска вечер“,  „Охридско лето“ ќе понуди нешто ново, ексклузивно, многу атрактивно и наменето за пошироката публика. Ова е уште еден проект со врвен квалитет и реномирани уметници кој изобилува со енергија, страст, врвна интерпретација а сето тоа за големо уживање на фестивалската публика. Стефан Миленковиќ многупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика, која не остана рамнодушна на ниеден негов настап, но овој исклучителен виолинист ги воодушевува и љубителите на музиката низ целиот свет. Виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ од рана возраст го доби епитетот ,,чудо од дете” а поради неговите врвни настапи, тука, на фестивалската сцена на „Охридско лето“, слободно можам да кажам дека е наш голем пријател и миленик на публиката,истакна Поповиќ.

Миленикот на охридската и воопшто на македонската публика, Стефан Миленковиќ рече  дека „Кармина Бурана“ што вечерва ќе биде изведена на Долни Сарај е  наблиска до оригиналната верзија. Тој не го криеше задоволството што е повторно во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“.

-„Кармина Бурана“  публиката ја познава како мега дело за голем оркестар и два хора на Крл Орф, но ова е верзија, би рекол, уште поблиска до оригиналот аранжирана од Ана Крстајиќ. Тоа е верзија за виолина и камерен оркестар. На тоа додадовме уште неколку дела кои се вклопуваат, на овој или на оној начин  во целокупната програма. Станува збор за трите Гершвинови  Прелудиуми во аранжман за виолина и камерен оркестар, Пјацола со делото „Лето“ бидејќи е лето и „Квин“ со „Боемската рапсодија“,  дело кое едноставно моравме да го вклопиме во програмата зашто е безвременска балада, најави мегапопуларниот виолинист Миленковиќ.

Ансамблот  „Камерата Нови Сад“ редовно учествува на значајни фестивали во Србија. Минатата сезона настапија на отворањето на првата градска концертна сала во Нови Сад, гостуваа на фестивалот во Котор и на фестивалот за камерна музика во Нови Сад.  Заедно со Стефан Миленковиќ го реализираа проектот „Кармина Бурана“.

-Голема е честа и задоволството конечно и ние да настапиме на овој прочуен фестивал „Охридско лето“. Сите уживаме во преубавиот Охрид и  мислам дека задоволството ќе биде уште поголемо што на „Охридско лето“ ќе настапиме со нашиот пријател Стефан Миленковиќ по  големиот број заеднички настапи што ги имаме уште од 2011 година. Сметам дека со подобра програма на еден ваков прекрасен фестивал  и во едно вакво прекрасно место не можеме да се претставиме, изјави Марко Милетиќ, уметнички раководител на  камерниот ансамбл „Камерата“ од Нови Сад.

Како што најави на денешната прес-конференција директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, фестивалот  до 20 август продолжува со реализирање на годинешната квалитетна, ексклузивна и атрактивна програма.

 

 

НУ Охридско Лето