Во ритамот на спортот, забавата, хуманоста пулсираше Градскиот плоштад во Охрид денес при одвивањето на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција која во организација на Црвен крст Охрид и во партнерство со Стоматолошкиот центар Др. Баткоски по 12-ти пат се одржува во Охрид.
Акцијата започна со градска трка по улицата Кеј Македонија, за да продолжи со натпревари во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, шах, вртење хулахоп, скокање со јаже, пикадо. За забавата се погрижија распеаните „Рибарчиња“, а спортскиот дух во ритамот на музиката го одржуваше аеробик сесијата со професорката Кате Бујароска. Презентации на ракометните вештини имаа ракометните школи Вардар-Охрид и Седмерец, шаховските техники ги презентираше шаховскиот клуб Ласкер, а тренинг одржаа и членовите на Охридтрчат-Детска атлетика. На градскиот плоштад свое катче имаше и Центарот за развивање животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид, каде се промовираше и новата Програма за подготовка на деца за в училиште која во јули стартува во Црвен крст Охрид.
Бројните посетители, од сите возрасти не останаа рамнодушни на настапите на жонглерите, штуларите, аниматори, кловнови, мимичари, магионичари, за кои, заедно со бројните награди, се погрижи Стоматолошкиот центар Др. Баткоски.
Сите оние кои купиле учеснички број учествуваат во големата наградна игра со 50 вредни награди кои ќе бидат извлекувани во втората половина на месец јуни, во емисија во живо. Оние кои сакаат да се дел од големата н аградна игра, а не стигнале да купат учеснички број, истиот можат да го обезбедат во просториите на Црвен крст Охрид најдоцна до 26.06.2022.
Црвен крст Охрид изразува благодарност до партнерот и сите помагатели и поддржувачи на хуманитарната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.
Црвен Крст Охрид