АктуелноОхрид

Првата Виа ферата во НП „Галичица“ ќе биде пуштена во јуни

Националниот парк „Галичица“ во текот на јуни, ќе ја збогати туристичката понуда со првата Виа ферата, односно безбедна патека за алпинистичко искачување на карпа со помагала.

Тоа, како што појасни Антонио Додевски, од Алпинистичкиот клуб „Патагонија“, претставува алпинистичка патека, опремена со скали, челични сајли и клинови, безбедно поставени да може било кој посетител да ја користи и да го доживее качувањето на карпи на едноставен начин.

Според него, Алпинистичкиот клуб, преку проекти набавил опрема, која ќе ја изнајмуваат за туристите, Објави makpress.mk.

– Виа фератата е комплетно нов производ во туристичката понуда на Охрид, која се очекува да привлече внимание кај туристите, но секако ќе значи и нова содржина за сите оние кои веќе го посетуваат регионот. Очекуваме за помалку од месец да биде пуштена во употреба. Имаме доволен број Виа ферата сетови, кои ќе се изнајмуваат, бидејќи луѓето мора да ја имаат таа безбедносна опрема, како и 30-тина комплети дрезги или таканаречени snow shoes за во зимскиот период, истакна Додевски.

АК „Патагонија“, нагласи, ги следи трендовите и на посетителите ќе им овозможи на интересен начин да ги доживеат убавините на НП „Галичица“.

извор: makpress.mk.

фото: ФБ Антонио Додевски