Ученици од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ го освоија првото место на Осмиот натпревар од областа на електротехниката, машинството и мехатрониката „Балкан Јуниор 2022“, кој од 26-ти до 29-ти мај 2022 година се одржа во Констанца, Романија.
Учествуваа 10 ученици од 5 средни технички училишта од Република Македонија, Србија, Словенија, Турција и Романија. Домаќин на овој натпревар беше средното техничко училиште „Николае Димитриеску“ од Констанца.
Екипата на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид составена од учениците Мухамед Асан од трета година од образовниот профил Техничар за индустриска мехатроника и Петар Цаноски од трета година од образовниот профил Електротехничар за компјутерска техника и автоматика постигна огромен успех со тоа што го освои првото место на овој исклучително кавалитетен меѓународен натпревар. Учениците беа под менторство на професорите Владо Јанкулоски и Љупчо Балески.
– Натпреварот се состоеше од теоретски дел на кој секој ученик одговараше на тест од 60 прашање од областа на Електромоторни погони, Автоматика, Дигитални системи, Техничка механика, Програмирање, Механички елементи и Хидраулика и пневматика. После завршување на теоретскиот тест следуваше и практичниот дел на натпреварот. Практичниот дел се состоеше од борба на програмирани сумо роботи, информираат од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, од каде на учениците и менторите им честитаат за постигнатиот успех. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“