четврток, ноември 14, 2024
АктуелноОхрид

Промовирана книгата посветена на охридскиот преродбеник и учител Лев Огненов

Лев Огненов е дел од македонската преродба, дел од македонската црковна историја, дел од охридското школство и дел од охридската чаршија. Својот интелектуален труд посебно го вградува во воспитувањето на младата генерација која е носител на идните преземања на полето на нашата македонска самобитност. ….. се работи за личност која имала највисока школа во тоа време во Охрид и која живеела и работела во времето кога се создавала свеста за македонската нација и во времето кога се решавале моментите на нашето самостојно црковно опстојување…. “

, ова меѓудругото е напишано во  предговорот на книгата „Лев Огненов“ охридскиот преродбеник и учител која беше промовирана денеска во Општина Охрид.

Автори на ова историско издание поддржано од Општина Охрид се проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески.

Промоторот на книгата, поетот Славе Ѓорго Димоски во своето обраќање пред присутните истакна дека книгата претставува духовен портрет на оваа важна историска личност, кое изобилува со енциклопедиски факти и податоци. Според него, Лев Огненов со својата дејност заслужува да биде прикажан пред јавноста во едно вакво научно дело.

Еден од авторите на книгата проф. д-р Павле Митрески се заблагодари на Охридскиот Архив, на Завод и музеј и наследниците на Лев Огненов, за придонесот и поддршката во процесот на создавањето на оваа книга и упати посебна благодарност до Одделението за култура при Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков за финансиската поддршка која ја обезбедиле за печатењето на истата.

Димитар Смилески кој се потпишува коавтор, рече дека содржината кој е објавена во книгата е само еден дел од материјалите до кои дошле и со кои располагале во истражувањето за Лев Огненов. Тој потенцираше дека времето во кое што живеел и творел Огненов е период во кој се истакнуваат и други значајни културни и научни дејци кои имаат големо значење за Охрид и за неговата историја и заслужуваат да добијат ваква презентација пред јавноста.

Лев Огненов е роден на 28 октомври 1867 година во Охрид во Горна Влашка Маала. Учел  во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, а во 1887 година го завршил своето образование на „Роберт колеџ“ во Цариград. Работел како учител во Охрид и Велес. Долго време работел како секретар кај охридскиот митрополит Методиј.

Во периодот меѓу 1905-1906 година е избран за претседател на Охридскиот околиски комитет на Македонската револуционерна организација. Во 1913 година Лав Огненов учествувал во Охридското востание против новата српска власт и е избран за претседател на градското началство на Охрид.

 

општина Охрид