недела, ноември 17, 2024
АктуелноОхрид

Битолска апелација ја потврди пресудата, пчеларот чии пчели нападнале охриѓанец правда ќе бара во Стразбур

Апелацискиот суд од Битола ја потврдил казната на Основниот суд во Охрид за пчеларот од Охрид, чии пчели, според пресудата, искасале сограѓанин во 2014 година. Осуденот пчелар Лазе Грозданов денеска на прес-конференција најави дека казната ќе ја плати, но правдата ќе ја бара во судот во Стразбур.

Пресудата од битолска Апелација, вели дека ја добил минатиот четврток, со која бил задолжен да плати околу 10.000 евра, односно 350.000 денари обесштетување и околу 135.000 денари за судски и други трошоци во постапката. Првичната пресуда на охридскиот Основен суд била 15.000 евра.

– Чекав до крај и слепо верував дека институциите ќе стават крај на лудилото, кое беше покренато уште во 2014 година. Тужителот ме обвинува дека при транспорт со мое возило во јуни 2014 година сум превезувал пчели со недоволно обезбедени сандаци, како што тој тврди и од сандаците при транспортот се дигнал рој пчели. Тоа колегите пчелари може да кажат дека е несвојствено при транспорт, дури и да не се сандаците добро затворени, пчелите да излезат. Мирисот кој го осеќаат пчелите ги плаши и тие остануваат околу пчелното семејство, вели Грозданов.

Тој тврди дека во постапката имало многу нелогичности. Најпрво, според оштетениот, на барање на судот вештак утврдил дека не е можно рој пчели да напаѓа при транспорт, што судот потоа во постапката не го земал во предвид.

Претседателот на пчеларското здружение Охрид, Тони Јосифоски вели дека се згрозени од судската одлука.

– Дефинитивно мислам дека секој може да покрене постапка и да отвори спор, но Судот не требаше да ја прифати оваа судска одлука бидејќи не е донесена врз база на докази и факти. Во никој случај при транспорт на пчели не може да излезе рој пчели и да извршат напад на лицето, неговата фамилија како што е наведено во тужбата. Не може само тој да е повреден, друг никој. Сите сме во страв и незнам дали ќе продолжиме со чување на пчели или не, рече Јосифоски.

Според него, во државата има некаде 7-8 илјади пчелари, кои живеат од оваа гранка, но со пресудата биле во размислување за намалување на пчелниот фонд.