Во време на сериозна енергетска криза со која се соочува нашата земја заради недоволните капацитети, се приклучуваме кон многубројните барања за измена на прописите заради подобрување на условите и исплатливоста на вложувањето во фотовол-таични постројки од страна на граѓаните.
Македонија е една од ретките земји во регионот во која граѓаните се демотивираат да инвесртираат во поставување фотоволтаици за користење на сончевата енергија на своите објекти. Кај нас се‘ уште е на сила правилникот за обновливи иозвори на енергија според кој воопшто не е исплатливо домаќинствата да користат енергија од фотоволтаици. Притоа, за да се добие одобрение за поставување, претходно треба да се поминат низа бирократски процедури низ општините и ЕВН, што уште повеќе придонесува граѓаните да се откажат од својата намера.
Да потсетиме дека министерот за економија, Крешник Бектеши уште на 23. 2. 2022 г. најави дека за една седмица ќе се донесе нов правилник за користење обновливи извори на енергија, но помина месец и пол, а од тоа нема ништо. Во колку не можат да го состават, им предлагаме да го препишат правилникот што е на сила во Словенија. Минатата седмица и премиерот најави дека се подготвува нов закон за користење обновливи извори на енергија.
Јасно е дека власта декларативно се залага за поедноставување на процедурите, а во пракса од тоа нема ништо. Ова упатува на сомнеж дека постои друга цел, а тоа е да се привилегираат одредени моќници кои се сопственици на мали хидроцентрали низ целата држава или кои имаат формирано фирми за увоз и продажба на електрична енергија, стои во информацијата од Чекоштина, урбан Охрид.