недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Априлски снег во охридското село Куратица

Почетокот на месец Април наместо сонце, имаме снег и студено време. Утрово под снежна покривка е и Охридското село Куратица.

Во Маврово вчера наврна нов снег и според податоците на УХМР утрово во Маврова Анови се измерени 15 сантиметри нова снежна покривка. На Попова Шапка новата снежна покривка е 10 сантиметри. Во 6 часот утрово најниските температури се измерени На Попова Шапка -4, и во Маврово -2 Целзиусови степени.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Мeтеорологот Славчо Попоски најави дека почетокот на месец април балканов ќе биде под моќен циклонски систем кој ќе биде со центар некаде над Италија, но и над Јадранското море, и истиот ќе донесе услови за интензивни врнежи од дожд на многу места од регионот но и снег на повисоките места.

Инаку времето денеска ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено во крајните западни и источни делови, кои на планините ќе бидат од снег. Ќе дува умерен, а наместа повремено засилен ветер од југозападен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18 степени.

Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и посвежо време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините со локални врнежи од снег.

В среда ќе има преодно стабилизирање на времето, а температурите ќе бидат во пораст.

 

фото: Горан Ангелоски