АктуелноОхрид

Документарен филм „1000 години – Сведок на светлината”

Документарниот филм логично произлегува од верувањето дека културата се манифестира преку видливи симболи, содржани во гестови, прослави, чествувања, обреди, кои, пак, се сместени во конструирани или природни контексти. Концептуално, тој е сликовна комуникација која главно се интересира за сликовните медиуми и видливите симболи како средства за комуницирање или, поточно, документарниот филм претставува културолошко истражување на слики. Доколку културата е нешто што може да се „види“, тогаш авторот на овој филм, употребувајќи непосреден пристап, го смислува секој кадар како една уметничка слика, што потоа може да биде основа за анализа и презентација на една друга поголема целина или смисла. Забележано со еден современ објектив, може да се каже дека она што го регистрира камерата е определено од две нешта: од културата на лицето што стои позади неа, т.е. авторот, како и од културата на оние кои се објект на камерата, самите причесници во чинот. Оттука, сметам дека камерата е употребена во реалистично рефлексивна смисла, природна и непосредна, наспроти грандиозноста на самиот чин. Едноставно кажано, се обидува да го забележи процесот без премногу да интервенира и да се наметнува, ако е тоа возможно. Како што најголема енигма е темната материја во Универзумот – таа што не се гледа, така она што навидум не се гледа, а „тежи“, е поважно од сѐ во еден кадар. Притоа, ако сакаме камерата да е непосредна, важно е да пронајдеме начин со којшто ќе се доближиме до луѓето и настаните што ги проучуваме, а токму тоа е постигнато во овој филм, се вели во рецензијата за филмот.

Сега, на крајот од овој процес што траеше цели пет години, сакаме да ви го подариме овој филм првенствено вам и секако, ништо помалку на сите вас кои сте љубители на авторските документарни филмови.

Осознавајќи колку многу ви значат: манастирот, монасите, богослужбите и над сè духовното раководство на бигорскиот Старец, Епископ Партениј, по кратко размислување и во консултација со бигорци, едногласно одлучивме дека иако сè уште имаме одредени протоколи поради корона вирусот, тоа  никако нема да нè попречи да го испорачаме филмот со наслов „1000 години Сведок на Светлината“ до сите вас, кои веќе одамна го очекувате, вели авторот на филмот Илија Ико Каров.

Филмската премиера ќе биде на 15 април на You Tube каналот.

 

Бигорски манастир