АктуелноОхрид

УХМР го одбележа Светскиот метеоролошки ден – највисоката измерена температура на воздухот во Охрид била 37,5 степени

Под мотото „Навремено предупредување и навремена акција“, Управата за хидрометеоролошки работи денеска во Охрид го одбележа Светскиот метеоролошки ден – 23 март. Главната метеоролошка станица во Охрид денес беше домаќин на централниот настан за одбележување на Светскиот ден на метеорологијата.

Директорот на Управата Ивица Тодоровски, говорејќи за последиците од климатските промени и загубите на човечки животи, како и економски загуби во своето обраќање забележа дека Македонија не е поштедена од последиците од екстремните временски услови.

– Сите се сеќаваме на екстремните врнежи и поплавата во Скопската котлина во 2016 година, кога покрај огромна матерјална штета, беа загубени повеќе од 20 човечки животи. Во последните години, се почесто сме изложени на интензивни и долготрајни топлотни бранови во летниот дел од годината, кога и максималните и минималните температури достигнуваат рекордни вредности, особено во урбаните средини – истакна Тодоровски.

Од друга страна, додаде, недостатокот на врнежи ги иницира сушните услови и предизвикува огромна штета не само на земјоделскиот, туку и на енергетскиот економски сектор.

– Токму заради сето ова, Светската метеоролошка организација оваа година светскиот метеоролошки ден го посветува на важноста на навремените предупредувања, кои треба да водат кон рана акција од страна на иституциите, кои работат на намалувањето на ризикот од катастрофи – рече Тодоровски.

Осврнувајќи се на историјатот на Метеоролошката станица во Охрид, која датира од 1923 година, како дождомерна, а од 1945 како главна станица, ги спомена архивските податоци за највисока измерена температура на воздухот од 37.5 степени Целзиусови, во јуни 2007 година, најниската температура од – 17,2 степени Целзиусови измерена во јануари 1954 година, како и дека во Охрид за еден ден може да наврнат над 90 милиметри дожд и оти имало години со 78 последователни денови без капка дожд.

Во рамките на одбележувањето на Светскиот метеоролошки ден, пред Метеоролошката станица во Охрид беше откриена скулптура, наречена „Весна“ по старословенската божица на пролетта и убавината, дело на Даниела Илијоска.