АктуелноОхрид

(ФОТО) Редици во Струга за гориво, Владата вели нема криза со горивата, а опозицијата обвинува – ни го одбија предлогот за намалување на акцизата

На струшките бензиски пумпи и денеска редици за гориво. Стужани стрипливо чекаат и покрај препораките од надлежните дека стоковите резерви се стабилни.  Министерот за финансии, Фатмир Бесими за „Тема на денот“ што се емитуваше вчеравечер на Сител телевизија истакна дека варијабилната акциза на горивата предвидена со последните измени на Законот за акцизи во моментов, дава ефект за ублажување на ценовниот шок.

„Дополнително, во делот на енергесите, со последните измени на Законот за царинска тарифа се намали царината на природниот гас на нула, а во Собрание е и Закон за измени на Законот за Данокот на додадена вредност со кој во делот на природен гас, ДДВ наместо да се наплаќа при увоз, би се наплаќал при промет во земјата“, истакна Бесими.

Пратеникот пак од ГРОМ од Собранието во Република Македонија, Љупчо Пренџов денеска обвини дека Власта го одби предлогот на ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“ за намалување на акцизата кај горивата за 50%.

„Власта одби дизел горивото да поевтини за 9,5 денари, а бензините за цели 13 денари. Вчера, ова пред целата македонска јавност ни беше соопштено од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими. Тие безочно лажат кога велат дека водат политика која подразбира парите да се враќаат кај граѓаните. Она што де-факто се случува е државен грабеж кон секој еден граѓанин во македонското општество. Акцизата за бензините изнесува 22 денари, а ДДВ плаќаме 13 денари. Тоа се 35 денари по литар бензин давачки кон државата. Акцизата за дизел горивото изнесува 15,5 денари, а ДДВ плаќаме 11,5 денари. Тоа се 27 денари по литар дизел гориво кон државата. Во време на криза, во време на четири кризни состојби во Република Македонија и дополнителна инфлациска криза во најава, ова претставува вистински грабеж од страна на власта кон граѓаните и стопанството. Наместо разни оправдувања и изговори, како и весели математики од страна на владините претставници, бараме веднаш намалување на финансискиот товар кон граѓаните и стопанството“, истакна Пренџов.