понеделник, ноември 25, 2024
АктуелноОхрид

Охрид SOS: Студенчишкото блато мора да се заштити во склад со начелата за одржлив развој

Охрид ЅОЅ учествуваше на денешната расправа по Нацрт-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата (категорија IV според Законот за заштита на природата). Она што го чувме на расправата беше очебиен и разочарувачки доказ за децениско отсуство на институционална заштита и институционална едукација за значењето и за вредноста на нашиот единствен УНЕСКО Регион, за начините на кои сме според закон обврзани да се грижиме за него и да си го обезбедиме сопствениот (одржлив) развој, велат во соопштението Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ.

Во продолжение го пренесуваме дописот од SOS во целост:

На расправата беше присутна група на сопственици на приватни имоти кои се грабаа да градат во граници на заштитеното подрачје! Одговорите од раководителката на Секторот за правни работи во Министерството за животна средина, Биљана Тешева Ѓорѓиевска и експертот Славчо Христовски беа крајно несвојствени и недозволиви за службени лица чијашто должност е жестоко да се борат за да го заштитат јавниот интерес.

Нашата претставничка Драгана Велковска ги потсети присутните дека приватната сопственост не е неприкосновена – во член 30 став (3) од Уставот е јасно дефинирано дека правото на сопственост може да се ограничи кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а во член 2 од Законот за заштита на природата е сторено токму тоа со одредба која гласи: заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес.

Оттука, Министерство за животна средина и просторно планирање има должност и обврска да обезбеди максимална заштита на Студенчишкото Блато, а не да договара незаконски компромиси со сопствениците на приватни имоти! Дотолку повеќе, што во член 116 од Законот за заштита на природата е утврдена можноста за експропријација на приватен имот заради заштита на природата. Постои начин да се заштитат и приватниот и јавниот интерес. Но приватниот интерес не може и не смее да се штити на штета на јавниот!

Изјавите на претставничката на МЖСПП, Тешева Ѓорѓиевска, и експертот Христовски беа дотолку нерационални со оглед дека со важечкиот ДУП за УЗ 17, УБ 17.1 – Студенчишко Блато, токму во зоната на одржливо користење е предвидена намена заштитено зеленило. Согласно со тоа, како може воопшто да се зборува за објекти за домување, односно каква било урбанизација?!

Студенчишко Блато е последниот функционален блатен екосистем околу Охридското Езеро, а со тоа и круцијален дел од УНЕСКО Регионот, кој дополнително ужива статус на Рамсар подрачје. Пристапот за неговата заштита мора да биде реставрација на блатниот систем, а не како што сега е случај – зонирање кое нема да овозможи Блатото да се ревитализира. За што тогаш се носи закон?! За да се озаконат штетните активности кои до сега се практикуваат и со тоа истите да се интензивираат – особено урбанизацијата на цели 40 хектари, од вкупно 60 хектари предвидени за заштита?! Дали со нацрт-законот и идниот план за управување се прави обид да се иницира измена на ДУПот: во смисла зошто тој не би дозволил домување кога самиот закон за заштита и законот за прогласување на блатото тоа го дозволуваат?!

Посочуваме дека е заблуда тоа што изготвувачот на студијата го презентираше како „граничење на опфатот со заштитени зони“ како олеснувачка околност за неговото идно управување, бидејќи на запад од предлог-заштитеното подрачје, односно помеѓу истото и КП 1.1 – Охридско Езеро е оставена зона крајбрежје – според Планот за управување зона 1а и 1б која не влегува во опфатот на Паркот на природата Студенчишко Блато; на исток заштитеното подрачје се граничи со НП Галичица, но со дел од УБ 16 – Рача, дел од ГУПот на Охрид за кој има планови за уште поголема урбанизација; кон југ е планираниот УП вон населено место Горица Север; а кон север Студенчишкиот канал останува без никаков заштитен статус, а од неговата северна страна продолжува урбанизација, иако формално таа зона е дефинирана како крајбрежје во Планот за управување. Како заклучок, границите на заштитеното подрачје МОРА да се ревидираат и да се совпаднат со границите на Рамсарскиот локалитет „Охридско Езеро со Студенчишко Блато“, со што ќе се овозможи вистинска заштита и идна рехабилитација на блатото, а не негово системско уништување.

Потсетуваме дека во 2018 г. светски експерти за заштита на блатни екосистеми изготвија Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро (и Студенчишко Блато), го одржаа својот годишен самит токму во Охрид и од проценката што ја направија за време на нивниот престој констатираа дека со правилно управување Блатото може да се ревитализира во период од само 10 години! Нивен предлог беше Студенчишко да се прогласи за Споменик на природата (категорија III според Законот за заштита на природата).

Ги повикуваме институциите да работат професионално и да останат доследни на обврските кои произлегуваат од нивната должност. Министерството за животна средина и просторно планирање има обврска да ги штити природата и животната средина, не да договара незаконски компромиси со приватници!