АктуелноОхрид

Документарен филм „100 години фудбал во Охрид“

Во Центарот за култура „Григор Прличев“, беше прикажан документарниот филм „100 години фудбал во Охрид“, во продукција на порталот „OhridNews“.

Историчари, хроничари, поранешни фудбалери и спортски работници од сите генерации ја раскажуваат еден век старата фудбалска приказна на Охрид. Тие се потсетуваат на блескавите моменти на Фудбалскиот клуб Охрид формиран во далечната 1921 година, на блескавите генерации од 50-те, 70-те, 80-те и 90-те години, на незаборавниот меч од 16-на финалето на Купот на СФРЈ помеѓу Охрид и Борац Бања Лука, влезот во Првата лига, ривалството со Караорман, „Рибари“, легендарните моменти на Грашница, Воска и Полигонот за мали спортови, но и на лакрдиите со Љуботен, Борац Чачак и натпреварите од локалната лига кои влегоа во Гинис.

Филмот донесува интересни видувања и изнесува ексклузивни, до сега необјавени историски документи, поврзани со фудбалот во Охрид.

„Ретки се вредностите кои имаат вековна традиција. ФК Охрид и фудбалот во Охрид воопшто, се вековна приказна која сакавме да ја раскажат директните актери кои ја создавале спортската историја на градот. Овој филм е посветен на фудбалските легенди на Охрид и сите останати кои оставиле трага во стогодишната историја на фудбалот во Охрид. Се разбира, овој документарен филм е само едно видување, кој покрај многу емоции и сеќавања, се надевам ќе пробуди интерес за други слични проекти кои ќе раскажат други приказни од богатата спортска ризница на градот“. – изјави главниот и одговорен уредник на порталот „OhridNews“ и автор на филмот, Горан Момироски.