Стружанецот Димитрие Дарчулоски на ФБ страната „Охрид слики од минатото“ објави ретки фотографии од посетата на Охрид на шеикот од Кувајт, Ел Габар ел Сабах.
Шеикот Ел Габар ел Сабах во Охрид на пловачкиот маратон дошол дури пет пати и бил спонзор на маратонот.
За тоа како овој шеик дознал за маратонот во Охрид и како бил повикан да дојде и да го види градот и езерото зборува легендата на охридското пливање Александар Леко Радиќ:
„Во 1960 година на маратонот во Капри, каде што Дики Бојаџи беше прв, таму присуствуваше и шеикот од Кувајт, Ел Габар ел Сабах. Се досетив дека е убаво да го поканам во Охрид. Тогашниот градоначалник на Охрид Никола Горичан ми одобри и шеикот беше поканет. Цели четири години шеикот доаѓаше во Охрид со голема придружба и беше главен мецена, делејќи во тоа време 1.000 фунти за првите тројца маратонци.“ – изјави легендарниот Александар Леко Радиќ во изјава за германски „Дојче Веле“ 2011 година.