АктуелноОхрид

Нови докази за нападот врз Сара Ѓорѓиеска, судскиот процес започнува на 27 ноември

Обезбедени се и видеоснимки кои би можеле да бидат важен дел од доказната постапка за случајот со нападот врз 26-годишната охриѓанка Сара Ѓорѓиеска. Судењето против 31-годишниот Кристијан Корабоски е закажано за 27 ноември.

Покрај медицинската документација и останатите собрани докази, Обвинителството располага и со видеоматеријали од настаните поврзани со случајот, кои полицијата дополнително ги обезбедила.

Корабоски се товари за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. За него е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Еден од наводите во обвинението се однесува на случувањата во автомобилот, кога Сара, според обвинителните наводи, побарала да биде пуштена да излезе, но тоа не ѝ било овозможено, по што возилото продолжило да се движи со голема брзина.

Во однос на здравствената состојба, Сара е отпуштена од болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, но продолжува со дополнителни испитувања во клиника во Скопје. При првичните лекарски прегледи биле констатирани повеќе повреди, хематоми и модринки.

Случајот отвори и прашања за постапувањето на надлежните служби, по што директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави проверка за евентуални пропусти во полициското постапување.

Судскиот процес треба да ги расветли сите околности поврзани со настанот и да утврди одговорност согласно доказите.