АктуелноОхрид

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид на осмото место во Македонија за примена на вештачката интелигенција

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид се најде на високото осмо место меѓу 100 средни училишта во Македонија, според резултатите од деветмесечната програма за примена на вештачката интелигенција во образованието.

Успехот на училиштето е резултат на посветеноста и активното учество на тројца професори, кои ја завршија програмата организирана од Brainster Next College во соработка со Министерството за образование и наука.

Станува збор за м-р Сања Јованоска, Александра Настоска Николoска и Стојан Новески, кои се вброија меѓу првите 100 учесници што успешно ја завршија обуката и се стекнаа со сертификати „Лидери за вештачка интелигенција во средното образование“.

На свечениот настан, одржан во просториите на Brainster Next College, сертификатите им беа врачени од министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, основачот на Brainster Next College, Петар Ниновски, и директорот Александар Клашниновски.

Од училиштето истакнуваат дека постигнатиот резултат претставува потврда за заложбите на наставниот кадар за професионално усовршување, усвојување нови знаења и примена на современи дигитални алатки во наставата.

Примената на вештачката интелигенција отвора нови можности за унапредување на образовниот процес, поттикнување на креативноста и развивање на дигиталните компетенции кај учениците.

Од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ упатуваат честитки до професорите за нивниот придонес и постигнатиот успех, нагласувајќи дека продолжуваат да работат на создавање поквалитетно, современо и иновативно образование.