АктуелноОхрид

Нова современа медицинска процедура во Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид

ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид воведува нова современа медицинска процедура – интраваскуларна литотрипсија (IVL) со системот Shockwave Medical, наменета за третман на тешки калцификации на периферните крвни садови.

Како што информираат од болницата, процедурата ја спроведува стручниот тим предводен од д-р Дејан Манчевски, раководител на Одделот за перкутани артериски инвазивни процедури. Ова е трета нова процедура што ја воведува установата во период од една година.

Интраваскуларната литотрипсија претставува современа технологија која користи специјализиран балон-катетер и акустични бранови за разбивање на тврдите калциумови наслаги во ѕидовите на артериите. На овој начин се овозможува полесно проширување на стеснетите крвни садови и создавање услови за поефикасно спроведување на понатамошниот третман, вклучително и поставување стент кога тоа е потребно.

Методата е наменета пред сè за пациенти со напредната периферна артериска болест, особено кога изразените калцификации го отежнуваат применувањето на стандардните балон-процедури.

Од охридската болница посочуваат дека воведувањето на оваа технологија претставува продолжување на заложбите за примена на современи медицински методи и унапредување на третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања.

Со воведувањето на новата процедура, установата продолжува да го надградува својот стручен и технолошки капацитет, со цел на пациентите да им овозможи пристап до современи методи за лекување на сложените заболувања на крвните садови.