Без невладини организации, без грантови од амбасади, без донации и без каква било материјална корист – само со сопствен труд и желба да живеат во почиста средина, жители на охридското село Лескоец денеска организираа акција за расчистување на отпадот што несовесни граѓани го оставаат на различни локации низ селото.
Иницијативата ја покрена жителот на Лескоец, Зоки Донев, кој преку социјалните мрежи повика на граѓанска акција. На повикот се приклучија уште неколку жители на селото, кои денеска заеднички се обидоа да расчистат барем дел од ѓубрето натрупано на повеќе места. Немаа финансиски надомест, немаа проект, немаа грант, ниту материјална корист. Имаа раце за работа и свест дека просторот во кој живеат е нивен и дека некој мора да започне да го менува она што со месеци го оставаат зад себе несовесни поединци.
Акцијата во Лескоец повторно го отвора прашањето за сè позагрижувачкиот однос на дел од граѓаните кон животната средина. Во текот на ова лето во Охрид и околината речиси секојдневно можеше да се забележи непрописно фрлен кабаст и комунален отпад – стари гарнитури и мебел, санитарии и инвентар од бањи, електронски отпад, градежен шут и различни предмети од домаќинствата оставени покрај контејнери, улици, патишта и на зелени површини.
Проблемот одамна не е само прашање на комунална хигиена. Станува збор и за елементарна култура, свест и совест. Ниту едно јавно претпријатие не може да постави работник зад секој граѓанин кој ќе реши стариот тросед, телевизор, WC-школка или друг отпад едноставно да го остави таму каде што нему му е најлесно. Токму затоа денешниот пример од Лескоец заслужува внимание. Неколку луѓе покажаа дека за да направиш нешто добро за местото во кое живееш не секогаш се потребни големи проекти и пари.
Потребни се иницијатива, личен пример и малку повеќе одговорност. Но останува и прашањето: до кога совесните граѓани ќе го собираат она што несовесните го фрлаат?


















