Од денес без превоз 11 струшки села – превозниците го реализираа најавениот прекин
Од денес, 24 август, жителите на 11 струшки села остануваат без редовен превоз до Струга, откако превозниците го реализираа најавениот прекин поради неисплатени обврски од страна на Општина Струга.
Превозниците вчера преку медиумите најавија дека доколку не се најде решение за натрупаните долгови, од денес ќе го прекинат превозот. Бараат исплата на заостанатите средства, како и ревизија и корекција на цените по зони, согласно актуелните економски услови.
Најавата објавена вчера преку медиумите денес стана реалност. Превозниците велат дека со месеци ја извршувале услугата и покрај нередовните исплати, практично финансирајќи го јавниот превоз со сопствени средства.
Од Општина Струга, според вчерашната изјава на градоначалникот Ќура, долгот изнесува околу 60.000 евра, а најавено е негово етапно исплаќање во период од два до три месеци. Градоначалникот посочи дека станува збор за обврски наследени од претходната локална власт.
Проблемот е особено сериозен бидејќи без превоз остануваат и ученици од овие населени места, а учебната година започнува за само една недела.
Она што вчера беше предупредување, од денес е реалност – 11 струшки села останаа без јавен превоз.

















