АктуелноОхрид

Одржана манифестацијата “Деца сме на Климента“

Во рамки на чествувањата по повод 1 110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1 140 години од основањето на Охридската книжевна школа, вечерва во преедворјето на црквата  „Пресвета Богородица – Перивлепта“ се одржа културната манифестација „Деца сме на Климента“

Пред присутните се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Коталeски.

– Имам особена чест и задоволство од името на Општина Охрид да ве поздравам  на овој свечен музички концерт посветен на нашиот заштитник и духовен светилник – Свети Климент Охридски.

 Вечерва преку универзалниот јазик на музиката му оддаваме почит на човекот кој го постави темелот на нашата писменост, култура и духовна традиција.

 Св. Климент Охридски не беше само учител и просветител туку и архитект на нашиот идентитет оставајќи  ни наследство што не обврзува да го чуваме, негуваме и пренесуваме  на идните генерации.

Охрид од секогаш бил и останува центар на духовноста, писменоста и уметноста . Овој концерт е спој на нашата  богата традиција и современиот уметнички израз – потсетник дека вредностите што ни ги остави Климент –мудроста, заедништвото и хуманоста се потребни и во современиот Свет .

Им се заблагодарувам на сите музичари и организатори кои овозможија да уживаме во оваа прекрасна вечер.

Ви посакувам пријатни моменти.

Нека е честит и вековит празникот посветен на нашиот Светител и просветител Климент Охридски – рече Коталески.

Во рамки на вечерната свеченост пред присутните настапија, охридскиот женски квартет „Harmonix“, сопранистката Билјана Буџакоска –Трифуноска како и Кристина Љушоска- флејта и Дамјан Милески- пијано.

Свеченостите по повод празникот посветен на летен Св. Климент продолжуваат викендов.