АктуелноОхрид

Незаборавна Шпанска вечер на „Охридско лето“ со триото „Вибрарт“

Бурни и стоечки овации за пијано триото „Вибрарт“ од публиката што
вчеравечер го проследи нивниот концерт во рамки на традицоналната
Шпанска вечер на „Охридско лето“.

Вечерта ја отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во РС Македонија,
Рафаел Сориано Ортиз кој нагласи дека главната цел на заедничката
културна програма е да се изградат мостови кои ќе ги зближат двете
земји уште повеќе.

 

-Оваа година имаме неколку работи за прославување. Во 2026 година се
одбележуваат 40 години откако Шпанија се приклучи на Европската унија,
проект што целосно ја трансформираше нашата земја и шпанското
општество. Како што знаете, Шпанија цврсто ги поддржува европските
аспирации на вашата земја. Во 2026 година исто така се одбележуваат 20
години од отворањето на нашата амбасада во Скопје, со обновена
посветеност на зајакнување на нашите билатерални односи. Поради сите
овие причини, ми е драго што државниот секретар за ЕУ, господинот
Сампедро, ни се придружи вечерва, рече амбасадорот Рафаел Сориано
Ортиз, упатувајќи посебна благодарност до директорот на фестивалот,
Ѓорѓи Цуцковски, за како што кажа, одличната културна соработка што ја
одржува со шпанската амбасада.

 

Тројцата исклучителни музичари, пијанистот Хуан Перез Флористан,
виолончелистот Фернандо Ариас Фернандез и виолинистот Мигуел
Колом Куеста со искрен и автентичен пристап му се посветија на
репертоарот и оставија силен уметнички печат врз публиката која час и
половина колку што траеше концертот , уживаше во секоја отсвирена
нота.

-Ова ни е првпат не само на фестивалот, туку и во Македонија. Никогаш не
сме биле во овој регион и се заљубивме во Охрид, навистина е преубав.
Навистина е неверојатна црквата, еден од најубавите православни
храмови. Акустиката помага особено на трио како нас да го дадеме
најдоброто на концертот. Сакавме да одбереме голем репертоар како ,

 

 

големото клавирско трио на Бетовен во де-дур, клавирското трио бр.1 во
де-мол од Менделсон и помалку познатото и ретко изведувано дело
„Ноктурно“ оп. 148 на Шуберт кое е недовршено и стои како кратко дело.
За бис отсвиривме дело на големиот шпански композитор и пијанист од
првата половина на 20.век Мануел де Фаља. Годинава се одбележуваат
150 години од неговото раѓање и затоа направивме аранжман по тој
повод, истакнаа харизматичните и виртуозни шпански музичари од триото
„Вибрарт“.

 


Освен во овој состав, членовите на триото „Вибрарт“ градат и
индивидуална уметничка кариера. Образувани на Високата школа за
музика „Кралица Софија“ во Мадрид и во Берлин, тие ја комбинираат
нивната кариера со педагошка активност и со оркестарски проекти.
Шпанската вечер на 66. „Охридско лето“ заедно со македонската
претседателка, Гордана Сиљановска- Давкова, која е и покровител на
фестивалот, ја проследи и државниот секретар за Европска унија во
Министерството за надворешни работи на Шпанија, Фернандо Мариано
Сампедро Маркос.