Вечер исполнета со врвна класична музика во извонредниот амбиент на
црквата „Света Софија“ приреди руско-германскиот пијанист Александер
Мелников кој настапи во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Мелников важи за еден од најистакнатите пијанисти на својата
генерација, препознатлив по својата виртуозност, длабока музикалност и
интерпретации на дела од различни епохи.

На репертоарот беше познатата Фантазија во Це-дур „Вандерер“,
компонирана во 1822 година за соло пијано од Франц Шуберт. Ова е
технички најтешката и најбараната композиција за пијано на Шуберт која
Мелникот ја долови совршено. Пред да биде награден од фестивалската
публика со бисеви, пијанистот го отсвири и ремек-делото на музичкиот
импресионизам „12 Прелудиуми“ од прочуениот француски композитор
Клод Дебиси.
-Ги свирев делата што најмногу ми се допаѓаат. Драго ми е што сум првпат
во овој прекрасен град. Амбиентот во кој настапив е мошне инспиративен,
рече Мелников.
Како солист, Александер Мелников има остварено настапи со светски
познати оркестри и ансамбли. Особено е активен на полето на камерната
музика, настапувајќи во пијано дуо со Андреас Штајер, редовно
концертирајќи со виолончелистот Жан-Гијен Кејраси, а исто така е и
долгогодишен дуо партнер на реномираната виолинистка Изабел Фауст со
која се добитници на наградата „Грамафон“ и се номинирани за наградата
„Греми“.
















