АктуелноОхрид

Над 40 илјади туристи, го посетиле Охрид во мај годинава, најбројни се гостите од Турција

Туристичкиот центар Охрид и во текот на мај годинава продолжил да бележи позитивни туристички резултати. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, градот во текот на месецот го посетиле 40.269 туристи, од кои 10.383 биле домашни, а 29.886 странски гости.

Статистиката покажува дека во мај во Охрид се реализирани 77.347 ноќевања, што уште еднаш ја потврдува атрактивноста на градот како една од најпосетуваните туристички дестинации во земјава.

Меѓу странските посетители, најбројни биле туристите од Турција, вкупно 6.950, по што следуваат гостите од Србија со 3.852, Германија со 3.674, Грција со 1.578 и Франција со 1.158 туристи.

На државно ниво, во текот на мај Република Македонија ја посетиле 131.723 туристи, од кои 24.967 домашни и 106.756 странски гости, при што биле реализирани 236.727 ноќевања.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека туристичкиот сектор продолжува да бележи раст. Во периодот јануари – мај 2026 година, во споредба со истиот период минатата година, вкупниот број на туристи е зголемен за 2,6 проценти. Притоа, бројот на домашните туристи е намален за 4,4 проценти, додека бројот на странските гости е зголемен за 4,9 проценти.

Во истиот период е регистриран и раст на вкупниот број ноќевања од 1 процент. Кај домашните туристи е забележано намалување од 4,1 процент, додека ноќевањата на странските туристи се зголемени за 3,3 проценти.

Овие бројки потврдуваат дека Охрид и натаму останува водечка туристичка дестинација во Македонија, со континуиран интерес од странските посетители, особено во пресрет на главната летна туристичка сезона.