АктуелноОхрид

Градоначалникот Пецаков и делегација од владата извршија увид во реконструкцијата на гимназијата и ул. „Кленоец“

Градоначалникот Кирил Пецаков, заедно со претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска извршија теренски увид во градежните активности за реконструкција на гимназијата „Св. Климент Охридски“ и на инфраструктурните зафати на улицата „Кленоец“.
‎При посетата на гимназијата, градоначалникот истакна дека станува збор за еден од најзначајните образовни и историски објекти во Охрид, во кој во изминатиот четиригодишен период се реализирани капитални инвестиции во вредност од околу 100 милиони денари.
– Во гимназијата извршена е реконструкција на кровот, електричната инсталација, системот за греење и ладење, внатрешните ѕидови, заменета е внатрешната и надворешната столарија, а дворот е партерно уреден. Дополнително, инвестирано е во атмосферската канализација, водоводната и хидрантската мрежа, реконструкцијата на санитарните јазли, нов училиштен мебел, информатичка и спортска опрема, како и во други зафати што ја подобруваат безбедноста и функционалноста на објектот, изјави градоначалникот Пецаков.
‎Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека гимназијата е последното средно училиште во Општина Охрид што се реконструира и дека во изминатиот период е инвестирано и во останатите три средни училишта во градот, со што значително е подигнат квалитетот на средното образование.
‎По посетата на гимназијата, градоначалникот Пецаков и владината делегација извршија увид и во реконструкцијата на улицата „Кленоец“.
‎На оваа улица, со заеднички средства од Владата, преку Министерството за транспорт  и од буџетот на Општина Охрид, инвестирани се околу 81 милион денари. Проектот опфаќа реконструкција на водоводната мрежа, фекалната и атмосферската канализација, линиската инфраструктура, уредување на тротоарите и подобрување на јавното осветлување.
‎-Овие инвестиции имаат огромно значење за жителите на улицата, но и за сите граѓани на Охрид. Во наредниот период ќе продолжиме со реконструкцијата и доизградбата на преостанатите тротоари, со што дополнително ќе се подобрат безбедноста, функционалноста и изгледот на овој дел од градот. Заедно со мојот тим продолжуваме посветено да работиме на реализација на капитални инфраструктурни проекти што обезбедуваат поквалитетни услови за живот на охриѓани и подобра инфраструктура за бројните посетители и туристи,  нагласи Пецаков.
‎Тој додаде дека, во соработка со Владата на Република Македонија, во изминатите две години во Охрид се реализирани 23 инфраструктурни проекти во вкупна вредност од 16 милиони евра.
‎Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е задоволен од реализираните проекти во Охрид и нагласи дека и во иднина ќе продолжи соработката со локалната самоуправа, како и реализацијата на нови капитални инвестиции насочени кон модернизација на образовната, комуналната и патната инфраструктура во Охрид.