Традиционално , и оваа година на големиот христијански празник Петровден, 12 јули, ќе се одржи препознатливата староградска пловидба „Ој љубов, љубов“, настан кој го негува духот на старата охридска традиција и љубовта кон Охридското Езеро.
Учесниците ќе се соберат на Канео во 17:30 часот, а во 18:00 часот ќе започне пловидбата со кајчиња кон Старото пристаниште – Островче. Таму, во 18:30 часот, ќе бидат спуштени сидрата, по што ќе започне дружењето и традиционалната атмосфера, во која ќе можат да уживаат и посетителите што ќе го следат настанот од копно.
Организаторите информираат дека на пловидбата може да се приклучат сите граѓани кои располагаат со сопствен пловен објект, при што единствен услов е учеството да биде исклучиво со веслање, со што се зачувува автентичниот дух на оваа традиционална манифестација.
Староградската пловидба „Ој љубов, љубов“ со години претставува еден од најубавите летни настани во Охрид, привлекувајќи бројни учесници и посетители кои заеднички ја слават традицијата, староградската песна и убавината на Охридското Езеро.















