Општина Охрид ги информира граѓаните дека од 1-ви јули ќе започне да се применува нов времен режим на сообраќај на дел од улиците „Кеј Македонија“ и „Ванчо Николески“, со цел подобрување на безбедноста и непречено одвивање на сообраќајот.
Ул. „Кеј Македонија продолжува да биде целосно пешачка зона без сообраќај од пресекот со бул. „Македонски Пеосветители“ до пресекот со ул. „Ванчо Николески“.
Со новиот режим се воведуваат следните измени:
- На ул. „Кеј Македонија“ од пресекот со ул. „Јане Сандански“ до пресекот со ул. „Ванчо Николески“ се воспоставува двонасочен сообраќај. Слепата улица која завршува кај крстосницата со ул. „Ванчо Николески“ се пренаменува за велосипедски сообраќај, при што велосипедската лента се пренасочува кон кејот.
- На десната страна од ул. „Кеј Македонија“ се воспоставува косо паркирање, наменето исклучиво за локалните жители, а неговото користење ќе биде регулирано од страна на Општината.
- Дел од ул. „Ванчо Николески“ од пресекот со ул. „Кеј Македонија“ до пресекот со ул „Партизанска“ се пренаменува во пешачка зона, при што на тој потег се забранува сообраќај на моторни возила.
- Велосипедската лента на ул. „Кеј Македонија“ е проектирана како двонасочна со ширина од 2,5 метри, а доколку условите на теренот не го дозволуваат тоа, минималната ширина ќе биде 2 метри.
Општина Охрид ги повикува сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација и со зголемено внимание да се движат согласно новиот режим на сообраќај.















