АктуелноОхрид

Започна косењето на ресите во реката Црн Дрим – ХЕС „Црн Дрим“ и годинава ја реализира акцијата

АД ЕСМ, преку својата Подружница ХЕС „Црн Дрим“, и оваа година традиционално ја започна акцијата за косење на ресите во градскиот дел на реката Црн Дрим во Струга. Иако оваа активност не претставува законска обврска за компанијата, таа и понатаму останува дел од нејзината општествено одговорна политика и грижата за зачувување на природната убавина и животната средина.

По успешно спроведената тендерска постапка и изборот на специјализирана компанија за чистење на речното корито, денеска официјално започнаа работите на терен. Според најавите, акцијата треба да заврши најдоцна до петок, 3 јули.

Од ХЕС „Црн Дрим“ информираат дека косењето се реализира токму во овој период од годината, бидејќи крајот на јуни се смета за најсоодветен термин за ваков зафат. Со тоа се овозможува да се забави повторното израснување на ресите во текот на летната туристичка сезона, кога реката и градот ги посетуваат голем број туристи.