Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, остварил средба со потпретседателот на Европска ракометна федерација, Предраг Бошковиќ, при што биле разгледани повеќе теми поврзани со развојот на ракометот и идните планови на охридскиот клуб.
Во објава на социјалните мрежи, Пецаков истакна дека средбата претставувала голема чест и задоволство, нагласувајќи дека со Бошковиќ разговарале за иднината на ракометот, претстојниот финален натпревар, како и за визијата и амбициозните планови на ГРК Охрид. Тој посочи дека особено го радуваат честитките кои клубот ги добил за својот проект и за досегашните резултати, оценувајќи дека тоа претставува потврда дека се движат во вистинска насока. „Ракометот во Охрид има светла иднина, а ние продолжуваме да работиме уште посилно за нови победи и успеси“, порача Пецаков.
Средбата доаѓа во период кога охридскиот ракомет бележи значителен напредок, а локалната самоуправа и клубот најавуваат продолжување на активностите насочени кон унапредување на спортот и афирмација на Охрид на ракометната мапа во регионот и Европа.















