АктуелноОхрид

(ФОТО) Бројни медали на младите струшки пливачи на Меѓународниот пливачки митинг во Ужице, Србија

Пливачкиот клуб Струга продолжува да бележи одлични резултати на меѓународната сцена, овојпат на силниот пливачки митинг „Четиња куп“ кој се одржа во Ужице, Република Србија. Младите струшки пливачи покажаа високо ниво на подготвеност и талент, освојувајќи бројни медали и признанија во конкуренција на клубови од регионот.

Најуспешна меѓу нив беше Филева Сара, која освои прво место на 50 метри слободно, како и две втори места на 50 метри грбно и 100 метри мешано. Со своите извонредни настапи, таа беше прогласена и за најдобар пливач во категоријата 2014 годиште и помлади.

Одличен настап имаше и Чакар Деспина, која освои две први места на 50 и 100 метри градно, како и второ место на 100 метри мешано. Таа дополнително се истакна со освоеното второ место во супер трката во апсолутна категорија на 200 метри градно.

Филева Дора исто така се закити со златен медал на 100 метри грбно, како и со две втори места на 100 метри слободно и 100 метри мешано.

Чакар Антонија освои прво место на 50 метри градно, потврдувајќи ја доминацијата на клубот и во оваа дисциплина.

Во машка конкуренција, Тодороски Максим освои две трети места, на 100 метри слободно и 50 метри грбно.

Значаен успех оствари и штафетата на Пливачкиот клуб Струга на 4×50 метри мешано, која го освои третото место.

Останатите натпреварувачи од клубот исто така имаа успешни настапи, при што забележаа значителни пласмани и подобрување на своите лични рекорди.

Овој успех претставува уште една потврда за квалитетната работа на клубот и континуираниот развој на младите пливачи, кои достојно го претставуваат својот град и држава на меѓународните натпревари.