АктуелноОхрид

Започна со работа Центарот за менаџирање на дебелината при ЈЗУ Општа Болница Охрид

Отворањето на центарот е уште еден важен чекор во превентивата и грижата за здравјето на граѓаните, а дебелината е еден комплексен проблем кој бара менаџирање на многу состојби, беше посочено на официјалното отпочнување со работа на Центарот од страна на медицинскиот тим, директорот на болницата Д-р Горан Маркоски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
“Зголемената телесна тежина сама по себе повлекува и ризици од многу други состојби, пред се од кардиоваскуларниот, локомоторниот систем, оптеретување на зглобови, па и секако тука е опфатен и психолошкиот аспект. Ова бара едно комплексно менаџирање. Ние сме сега на самиот почеток, имаме моментално апарат којшто ни овозможува определување на композицијата на составот на мастите, мускулната маса, водата, значи еден увид во составот на телото, којшто е една почетна точка и од којашто понатаму можеме да го следиме пациентот и секако со другите параметри, коишто вклучуваат преглед, притисок и сите други работи понатаму да го насочуваме” изјави Д-р Даниела Мисоска Пендова, која заедно со Д-р Лилјана Ангелеска и Д-р Сашо Василевски ќе работат со овај центар.
“Веќе има интерес од нашите сограѓани, прашуваат и за терапија. Имаме и терапија за намалување на телесна тежина која се дава кај пациентите. Така да се надеваме дека ќе ги заштитиме пациентите да не страдаат од други заболувања, зошто дебелината знаеме какви проблеми може да донесе” посочи Д-р Лилјана Ангелеска, раководител на Интерното одделение при Општа болница Охрид.