На ден 03.03.2026 година, во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје, се одржа вториот ден од хакатонот. На настанот учествуваа учениците Дарио Павлески, Елена Стојоска и Илија Волканоски, предводени од нивниот ментор Елизабета Левеска. Тимот активно се вклучи во сите предвидени активности, покажувајќи висок степен на ангажираност, тимска работа и техничка подготвеност.
1. Почеток на денот и воведна презентација – вториот ден започна со официјална презентација преку која организаторите ги претставија активностите предвидени за тој ден. Посебен акцент беше ставен на веб-програмирањето и неговата практична примена во реалниот свет, особено во контекст на современите технологии и вештачката интелигенција. Презентацијата им овозможи на учесниците подобро да ја разберат поврзаноста помеѓу теоретските знаења и нивната практична имплементација.
2. Работен предизвик -по воведниот дел, на тимовите им беше претставен главниот предизвик. Секој тим доби започната веб-страница составена од фајлови во HTML, CSS и JavaScript, со задача истата да ја доработи и функционално да ја комплетира. Во барањето беа наведени конкретни „to-do“ активности кои требаше да се имплементираат, како и дополнителни бонус-задачи што носеа повеќе поени. Овие бонус-елементи овозможија простор за креативност, иновативност и техничко надградување на основната задача. Тимот работеше координирано и организирано, при што успешно ги реализираше поставените барања и имплементираше дополнителни функционалности со цел да постигне подобар резултат.
3. Завршна програма и наградување – по завршувањето на работниот дел, следеше презентација од главните спонзори на хакатонот, кои го истакнаа значењето на ваквите настани за развојот на младите таленти во областа на информатиката и инженерството. Во завршниот дел беа доделени наградите за најуспешните тимови.
Тимот составен од Дарио Павлески, Елена Стојоска и Илија Волканоски ја освои првата награда, при што им беа врачени соодветни признанија и награди за нивниот труд, знаење и посветеност.
Со доделувањето на наградите официјално заврши вториот ден од хакатонот. Овој ден претставуваше значајно искуство исполнето со учење, натпреварување и практична примена на знаењата од областа на веб-програмирањето и современите технологии. Со нетрпение се очекува третиот ден од хакатонот, кој ќе претставува завршница на овој значаен настан.











