АктуелноОхрид

Пристигнаа чесни мошти на свети Василиј Велики во манастирот Рајчица

Духовната ризница на сестринството на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица се збогати со уште еден непроценлив дар. Во свештеното сокровиште на оваа света Обител пристигна дел од чесните мошти на нашиот отец меѓу светиите – свети Василиј Велики, еден од најголемите столбови на Црквата Христова и неуморен проповедник на правата вера од првите векови.
Овој благословен настан е плод на искрената духовна љубов и длабока почит на јеромонахот Стефан Симион од Православната Црква на Романија, игумен на манастирот на светиот пророк Илија во Италија, во регионот Лацио, кон епископот Антаниски г. Партениј. Препознавајќи во него жив и силен континуитет на светоотечкото предание, игуменот отец Стефан одлучил оваа скапоцена реликвија да ја испрати токму во манастирот Рајчица, доверувајќи го нејзиното пренесување на искушеничката Луминица, член на сестринството на Обителта.
Историјата на оваа света реликвија дополнително го потврдува нејзиното исклучително значење. Имено, светите мошти му биле подарени на отец Стефан од ризницата на реликвии на Католичката црква, кои низ историјата биле пренесени од Истокот. За нивната автентичност сведочат оригиналните ватикански печати, втиснати под самите мошти, како и на задната страна од реликвијарот во кој тие се положени.
Пристигнувањето на овој голем благослов – самиот свети Василиј Велики преку неговите чесни мошти – било дочекано со неискажлива духовна радост. Нивниот траен престој во манастирот Рајчица веќе се претвора во извор на благослов за верниот народ, кој отсега ќе има можност со вера и смирение да побара молитвено застапништво пред моштите на овој велик Христов јерарх.
Извор: Бигорски манастир