Општина Охрид потпиша договор со колективниот постапувач за текстилен отпад Тексомак, со што официјално започнува процесот на селекција и организирано управување со текстилен отпад на територијата на општината. Оваа активност е дел од пошироките напори за воспоставување одржлив и ефикасен систем за управување со отпад.
Со воведувањето на оваа иницијатива, граѓаните ќе имаат можност својот стар, оштетен или непотребен текстил да го одложуваат во специјално наменети контејнери, наместо да завршува во мешаниот комунален отпад.
Во првата фаза се предвидува:
- поставување на еден контејнер за текстилен отпад во рамките на Охрид Мол;
- поставување дополнителни контејнери во училиштата вклучени во програмата „Училишта без пластика“;
- организирање еко акции за собирање текстилен отпад, преку кои услугата ќе биде достапна и за жителите од околното население.
Текстилниот отпад претставува еден од најбрзо растечките текови на отпад на глобално ниво. Производството на текстил троши огромни количини вода, енергија и хемикалии, а по неговото користење најголемиот дел од текстилот завршува на депонии или во животната средина. Таму се разградува многу бавно и, особено кај синтетичките материјали, придонесува за ослободување микропластика и стакленички гасови, со што дополнително се загадуваат почвата, водите и воздухот.
Според меѓународни проценки, помалку од 1% од текстилниот отпад во светот се рециклира во нов текстил, додека повеќе од 70% од користениот текстил во Европа сè уште завршува како мешан комунален отпад или се согорува. Со воведување системи за селекција, значителен дел од текстилот може повторно да се употреби, донира или рециклира, со што се намалува притисокот врз депониите и негативното влијание врз животната средина.
Со оваа активност, Општина Охрид продолжува со спроведување политики насочени кон одржлив развој, едукација на младите и активно вклучување на граѓаните во заштитата на животната средина.












