АктуелноОхрид

Отпуштена од работа М-р психолог во болницата во Струга кога кажала дека е бремена, од стрес го изгубила бебето

Психолог од ЈЗУ Општа болница Струга, магистер по специјална едукација, е отпуштена од работното место веднаш штом соопштила дека е бремена.

Од силен стрес поради непродолжувањето на договорот за работа, и поради тоа дека по нејзиното бркање биле примени во Болницата 65 души на работа, таа го изгубила бебето во 27-та гестациска недела, односно во седмиот месец од бременоста.

На нејзино место директорот на болницата по изборите примил нова, помлада девојка, заедно со уште 65 други разни профили, поради што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека врз оштетената пријавителка е извршена директна интерсекциска дискриминација.

Оваа експертка пред да забремени работела со договор на определено време од 2001 година по 40 часа неделно, како да е вработена на неопределено и тамам кога се надевала дека ќе ја вработат по ланските парламентарни и претседателски избори какви што биле најавите, неа договорот на 31.12.2024 година веќе не ѝ бил продолжен.

Бидејќи претходно таа кажала дека е бремена и кога го прашала директорот на болницата зошто не ѝ го продолжуваат договорот, ако веќе трајно не ѝ го решаваат нејзиниот статус, директорот ѝ кажал:

„Оди дома, сега имаш поважна работа. Бремена си“.

Во претставката жената што го изгубила детето поднела и докази од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство дека била здрава, носела здраво дете и оти имала уредна бременост без никакви ризици.

„Поради стресот што го доживеав од губењето на работното место, на 4 март 2025 година во скоро 27 гестациска недела, го изгубив моето чедо! Јас сум здрава жена, со уредна бременост и без ризици. Тортурата врз мене го направи своето. Одев на работа чекајќи некаков договор, работев со полна пареа, не бев платена и не барав ништо, само чекав да најдат решение за мене“, пишува оштетената избркана жена во пријавата до Комисијата за дискриминација.

Во дописот од директорот, тој пред Комисијата не негира дека на местото на избрканата е примен друг психолог, како ни тоа дека биле примени уште 65 вработени во болницата, туку тврди под морална и кривична одговорност дека никогаш не ѝ рекол на пријавителката да си оди дома и да одмора, зашто има поважна работа, бремена е.

 

 

sdk.mk