Денеска се обратив на свечената академија по повод 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научно-истражувачка институција, формирана во 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.
Хидробиолошкиот завод е жив сведок на човечката упорност и стремеж да се проникне во тајните на природата, обезбедувајќи генерациска мисија за зачувување на езерските екосистеми и истовремено создавајќи научна мисла со меѓународен углед.
Наш императив мора да биде да го сочуваме и да го одржуваме овој непроценлив животен ресурс. Нашите водени бисери: Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Дојранското Езеро, се наше и светско наследство.
Неопходно е зголемување на поддршката за Заводот, преку дополнителни инвестиции во опрема и кадровско доекипирање, бидејќи човечките ресурси се најсилниот капитал на институцијата.
Посакувам пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а Хидробиолошкиот завод да слави и по следните 90 години.
Честитки до генерациите научници и вработени во Хидробиолошкиот завод за нивната пожртвуваност и посветеност!











