Синоќа во „Панорамика Дизајн Хотел“ во Скопје се одржа манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, во рамките на која годинава, Агенцијата „Марили“, традиционално по 29-ти пат ги награди најуспешните жени менаџери од земјава и регионот.

Меѓу лауреатките годинава беше и нашата Елена Лотеска Наумовска, генерален менаџер на бродот „Армада“ од Охрид. За лауреатки беа прогласени менаџерки кои оставиле длабок печат со својата работа и труд. Сите претходно беа препорачани од нивни колеги и соработници и доаѓаат од приватниот сектор од различни области и дејности.

– Да се биде препознаен и вреднуван за својата работа е навистина голема мотивација но и обврска за понатаму. Оваа награда не е само моја – таа е резултат на заеднички труд, поддршка и верба од моето семејство, мојот тим и сите што беа дел од овој пат. Ќе продолжам со уште поголема посветеност, инспирација и одговорност. Ви благодарам уште еднаш од срце, порача Лотеска Наумовска.

Годинава, 13 менаџерки беа наградени и добија статуетка „Жена водилка“. Од нив 11 се од Република Македонија, една од Србија и една од Хрватска.

Манифестацијата беше збогатена и со прекрасните музички изведби на младата виолончелистка Ада Богоевска, придружувана на пијано од Марија Богоевска, како и изведба на младата и успешна оперска певица, сопранот Ева Живковска и уметничкиот соработник Дарко Мариновски.













