Дворот на Гимназијата беше премал да ги собере знаењето, креативноста и посветеноста на нашите ученици и професори, но и насмевките на сите присутни: ученици од сите основни училишта во Охрид, родители, претставници на Црвен Крст – Охрид, Лајонс клуб “Деници” и случајните минувачи.
Овој мултикултурен настан ни покажа дека навистина можеме “Да живееме едни со други, а не едни покрај други”. Во една забавна и пријателска атмосфера, се дегустираа јадења од сите националности во нашата земја, но и јадења карактеристични за културите на странските јазици кои се изучуваат во нашата Гимназија. Се пееја песни на македонски, српски, влашки, руски, англиски и француски јазик, а се заиграа и македонски ора. Се црташе и се сликаше, се бараа најдолги зборчиња, се искажуваа чувства и емоции, имавме и колачиња во форма на геометриските тела и со физички равенки. Имавме букети од јадливи цвеќиња, приврзоци со хемиските елементи, запознававме историски ликови и предмети, читавме филозофски мисли, “посетивме” други земји и цивилизации, научивме мудри изреки и поговорки, склопувавме компјутери, постигнувавме голови и “патувавме” преку Еразмус+, сè она што секојдневно го усвојуваме како вештини и знаења на часовите.
Нашите ученици и професори неуморно работеа последниов период за секој актив достојно да се претстави со интересни креации.
Ова беше и одлична можност да се претставиме како училиште на нашите идни ученици, на родителите, но и на пошироката јавност и да го најавиме месец мај како отворен месец на Гимназијата. Месец каде што ги покануваме сите основци да нѐ посетат за да се запознаат со работата на училиштето, да посетат час и да поразговараат со професорите и учениците.
Им благодариме на сите ученици, професори за ангажираноста, но и на сите гости кои го збогатија овој настан со своето присуство.
























































