Хидрантската мрежа, особено во делот на Стар град и набавката на противпожарно пловило и понатаму се болна точка за Охрид.
Командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид (ТППЕ) Борко Јанкулоски во изјава за Супер радио и OhridPress уште еднаш повтори дека имаме многу слаба хидрантска мрежа, особено од највисок степен на загрозеност е стариот дел на градот, каде на пожарникарите им е отежнат, накаде и скоро невозможен пристапот со возила, објави ОхридПрес.
– Имаме поднесено во повеќе наврати барање до надлежните институции, односно до ЈП „Водовод“ Охрид со цел да ги маркираме тие хидранти, оние што се подземни да се направат надземни за да можеме поефикасно да делуваме во случај на пожар. Од неодамна за истото е реагирано и до Дирекцијата за заштита и спасување, до подрачното одделение Охрид. Почнавме заедно некое мапирање и се надеваме дека во следниве денови заеднички со вработените во „Водовод“ да ги маркираме локациите и да ги оспособиме за непречено функционирање, вели Јанкулоски.
Справувањето со евентуална огнена стихија во стариот дел на градот е рак рана годиниве наназад. Има делови што се речиси недостапни за поголеми противпожарни возила, а проблем претставуваат и автомобилите што граѓаните ги оставаат на улица, како и збиениот тип на куќи.
На ова се надоврзува и проблемот со немањето пловен објект за гаснење пожар од вода, што години наназад е посочено како решение за овој дел од градот, а особено за патниот правец кон Св. Наум, каде во летниот период, во одредени временски интервали противпожарните возила немат апсолутно никаков пристап од колоните возила. Јанкулоски вели дека моментално нема некоја најава за набавка на вакво пловило, иако изминатите години имаше проект што не беше одобрен.
– Тоа пловило, оспособено со противпожарни надградби, не би се користело само за гаснење на опожарени пловила туку и за тешко пристапните населени места што ги имаме на крајбрежјето, како што е Трпејца која е доста голем ризик. Со таквиот пловен објект би имале директен пристап за гаснење од езеро. Моментално нема некоја најава за набавка. Изминатите години имаше проект што не беше одобрен. По наше видување тоа беше од причина што сакаа повеќе институции во нашата општина да го користат за повеќе намени, што е недозволиво, тоа е единствено со противпожарна намена, мора да биде нон стоп достапно на пожарникарите, потенцира командирот Јанкулоски.
За да не се доведеме во ситуација да се случат насакани настани, па дури потоа да почне посериозно да се размислува на оваа тема, надлежните посериозно да ја разгледаат потребата од набавка на вакво пловило за Охрид како сериозна туристичка дестинација.
Што се однесува до бројката на интервенции на ТППЕ Охрид, годинава има мал процент на зголемување на бројот на пожари, во однос на овој период лани. Од почетокот на годинава досега пожарникарите имале вкупно 92 интервенции во Охрид и Дебрца, од кои 71 е пожар (на објекти, на сообраќајни средства и на отворен простор). Останатите 21 интервенција се технички интервенции, односно извлекување на повредени во сообраќајни незгоди, отклучување на заглавени лица во лифт, обезбедување на фудбалски натпревари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/архива
