Наш ИзборНаш изборОхрид

Од храмот на Соломон до храмот на срцето

Денеска, пак и повторно Му благодариме на Трисветиот Бог што нè удостои да ја прославиме пославната од Ангелите и посветата од Херувимите, Пресветата Владичица наша Богородица, по повод нејзиниот прекрасен и сечесен празник Воведение. Овој ден историски нè враќа кон оној благословен миг кога Пречистата Дева Марија како мало девојче беше воведена во Храмот Господов во Ерусалим од страна на своите свети родители, праведните Јоаким и Ана. Овој чин не беше само едно семејно дело на посветеност, туку, пред сѐ, длабока тајна на Божјата промисла.

Празникот се нарекува „Воведение“ затоа што тогаш Богородица беше воведена од првосвештеникот Захариј во најсветото место во старозаветниот Соломонов храм – Светињата на светињите. Таму, каде што никој друг не можеше да пристапи освен првосвештеникот и тоа еднаш годишно, Пресветата Дева беше повикана да пребива како во свој дом, подготвувајќи се на тој начин да стане жива Светиња на светињите, дом на Несместливиот Бог. Живеејќи во Храмот, Таа самата станува храм Божји, за преку неа Самиот Бог да влезе во светот и да го воведе спасението во него за сите нас.

Денешното евангелско четиво, што често го слушаме на Богородичните празници, започна со едноставни зборови: Во она време Влезе Исус во едно село. Овие зборови се многу повеќе од обичен опис на еден настан; тие ни ја откриваат длабоката вистина и смисла за Христовото доаѓање во светот. Впрочем, многу евангелски перикопи започнуваат слично: Влезе Исус во Ерусалим, влезе Исус во еден град, минуваше Исус низ еден град, влезе Исус во Ерихон, влезе Исус во една куќа. Ова ни покажува дека Господ не влегува само во едно село, во еден град или во Ерусалим – Он влегува првенствено во човековото срце. Исус дојде и влезе во историјата на овој свет со смирение и љубов, снисходејќи кон нас, за да ги освои нашите срца и да ни ја покаже светлината на Божјата љубов. Влегувањето во селото е симбол на Неговото постојано влегување во нашиот личен живот. Како што Богородица беше воведена во Светињата на светињите, така и Христос, преку Неа, сега се воведува во нашите души, за да ги преобрази, да ги стопли, да ги облагороди, да ги освети.

Според типикот на Црквата на овој празник започнува да се пее онаа величествена и позната катавасија од Божикниот канон: „Христос се раѓа – славете, Христос од Небесата – пресретнете Го!“ Овие моќни зборови нè повикуваат да се отвориме и да станеме приемчиви за чудото на Божјото вочовечување. Бог ни доаѓа не како страшен и далечен судија, туку како дете, смирено, кротко, блиско. Он слезе од Небесата не за да нè уплаши со Своето Божество, туку за да нè прегрне со Својата љубов. Се роди како дете во Витлеемската пештера, за да ни покаже дека е близок до нашите срца, дека сака да биде како еден од нас и да домува меѓу нас и во нас. Христос сака да Го пресретнеме во своите срца, да Го пречекаме во нашите животи, за преку Него да станеме деца Божји, храмови на Севишниот.

Воведението на Пресвета Богородица нè упатува мисловно на старозаветниот Храм на Соломона во Ерусалим. Чувме како Апостолот Павле ни го опиша неговиот распоред и неговата значајност. Светите Отци, пак, споредувајќи го тој Храм со телото на Пресветата, ни откриваат уште една поголема тајна: дека Богородица, преку својот непорочен и свет живот, со своја слободна волја, се подготви и стане жив храм на Словото Божјо. Со својот избор и посветеност, Таа стана поголема од ѕиданиот земски храм, бидејќи во себе Го прими Самиот Бог. И оттогаш преку Неа, таа преобразба станува возможна и за нас. Зашто, преку Христа, роден од Неа, сите ние сме призвани да станеме храмови Божји – место каде што ќе обитава Бог, каде што Неговата светлина ќе го исполнува секој агол од нашата внатрешност.

На овој празник, возљубени, гледаме дека не Соломоновиот храм ја осветил Богородица, ами Пресветата, преку својата пренепорочност, чистота и светост, го осветила материјалниот храм. Онаа која црковната химногарафија ја нарекува денеска: „освештена скинија“, „одушевен кивот и храм“ „обновление на сите земнородени“ „најсвет храм“. Ова ни го открива светлото предназначение дека сме создадени, дека сме родени на оваа Земја, за да бидеме живеалиште на Самото Божество. Нашиот живот има само една крајна цел – да се соединиме со Бога, да се осветиме и да живееме во Неговата неискажлива Божествена радост. Да се биде со Бога значи да се искуси радост и веселие што не можат да се опишат со зборови. Бог го создаде човекот за да другарува со него, за да го воведе во заедницата на Својата љубов. Ова го знаеме уште од првите страници на Светото Писмо, каде што ни е посведочено дека Бог со најголема љубов го создаде човекот. Човекот беше поставен како цар во творението, а целата природа – небото и земјата – беа создадени како храм за човекот, место каде што тој како првосвештеник ќе ја слави Божјата слава и ќе литургисува во заедница со својот Творец.

Но човекот преку гордоста и своеволието ја наруши таа заедница и отпадна. Сепак, Бог никогаш не го остави Своето возљубено чедо. Он постојано ја обновува и ја оживува таа врска. Преку Пресвета Богородица, живиот храм на живиот Бог, мостот за наше соединување со Бога е повторно воспоставен.

Денешниот празник на еден таинствен начин ни покажува дека и овој свет, кого Бог го создаде толку прекрасен, е исто така храм Негов. Сè што е создадено од Неговата рака е одраз на Неговата убавина и слава. И затоа, нашето однесување кон светот околу нас треба да биде како кон храм Божји. Природата не е само ресурс за експлоатација; таа е и дар, и ние треба да ја гледаме како светиња, да ја чуваме и да ја почитуваме како место што ја одразува Творчевата слава.

Во оваа смисла треба да размислиме и за своите тела како за Божествена творба. Оти, човекот е создаден како соединение од душа и тело. Човекот не е потполн ако посветува внимание само на една компонента од своето битие. Телото не е само физички сад на душата; тоа е дел од богосоздадениот човек повикан за обожение. Спасението и обожението на човекот има холистички карактер – заедно и душевен и телесен. Апостолот Павле нè учи дека телото е храм на Светиот Дух. Тоа е место каде што Бог сака да домува, еден возљубен дом на Господа. Кога ќе се однесуваме кон своето тело со почит, со неопходна морална чистота и со свесност дека е светиња, храм на живиот Бог, тогаш и нашиот однос кон целиот свет ќе се преобрази. Ќе гледаме на сè околу нас – на природата, на луѓето, на сите Божји созданија – како на храмови Божји, создаден за слава и ликување.

Пресветата Богородица, Мајката на нашиот Бог, е нашиот најдобар пример и патеводителка во овој живот на осветување. Таа е извор на чистота, на благодат и на благослов. Преку своите мајчински молитви, Таа нè води и нè упатува кон тоа и ние да станеме храмови Божји, да го осветиме својот живот и да го исполниме нашето битие со присуството на Духот Свети.

Нека нејзината љубов и застапништво ни бидат сила и поттик во нашето духовно патување, за да го оствариме својот призив – да станеме храмови на живиот Бог, осветени места на Неговата присутност, преобразени и исполнети со Неговата светлина и љубов. Тоа е смислата на денешниот празник Воведение – воведување на Божјата светлина и добрина во нашите животи, за да Го носиме Него, Христа, во секој миг, во секое дело, во секој атом од нашето битусување.

Амин.

 

 

 

Бигорски манастир