АктуелноОхрид

Охриѓанецот Темко Попов во 1888 испратил писмо до српскиот пропагандист во Врање: Исус Христос да слезе од небото, нема да може да го убеди Македонецот дека е Бугарин или Србин!

Прилогот што е објавен во 1988 година е уште еден факт против негаторите на Македонците, македонскиот јазик, македонската историја и на нивните тврдења дека „Тито ја измислил македонската нација“. И дали до 1944 година Македонците се чувствувале и декларирале како етнички Бугари или се чувствувале и  декларирале етничка посебност како Македонци:

Темко Попов 1888г: Исус Христос да слезе од небото, нема да може да го убеди Македонецот дека е Бугарин или Србин

Во далечната 1888 година на 9. Мај, охриѓанецот Темко Попов/Темистокли Попов (1855-1929) испратил писмо до српскиот пропагандист во Врање со крушевско потекло Деспот Баџовиќ во кое говори за посебноста на македонскиот народ.

„…Да не се лажеме, Деспоте, националниот дух во Македонија е дојден до таква состојба што и самиот Исус Христос да слезе од небото, нема да може да го убеди Македонецoт дека е Бугарин или Србин, освен оние Македонци меѓу кои бугарската пропагандата е веќе вкоренета”.

Охриѓанецот Темко Попов завршил грчко училиште во Охрид каде неговата фамилија припаѓала кон грчката патријаршиска црква како и повеќето побогати луѓе во Охрид во тоа време, а гимназија завршил во Атина. Важел за Македонски национален сепаратист, кој се борел за возобновување на охридската архиепископија, учебници и весници на Македонски јазик (прифаќал компромис истите да се со српска азбука во време кога македонска сеуште немало кодифицирано), но подоцна станал соработник на српската пропаганда и политика, па работел и во српските дипломатски преставништва во Османлиската Империја и тоа во Истанбул, и Солун, а работел и во амбасадата во Атина. По младотурската револуција станал и пратеник (сенатор) во парламентот на османлиската империја и живеел во Константинопол (Истанбул). Пред и по првата светска војна кога Македонија е под српска власт бил градоначалник на Охрид, а извесен период од неговиот живот престојувал во Едрене, Битола, Белград и во Софија каде со група македонски интелектуалци формирале Македонски комитет за борба против денационализацијата на Македонија.

Во далечната 1888 година, 5 години пред одновањето на ВМРО, 14 години пред излегувањето на “За македонцките работи” на Крсте П. Мисирков, 15 години пред Илинденското востание, 24 години пред повлекувањето на Османлиската империја од Македонија по првата балканска војна, и цели 56 години пред државотворниот Илинден во 1944 година, Темко немал поим, на памет не му паѓало дека политичарите од Бугарија после 135 години ќе ја уценуваат Македонија за членство во ЕУ со прифаќање на тезата дека пред 1944 година немало Македонци со Македонско самочувство, и дека неговото писмо до негов пријател, уште и српски пропагандист, денес ќе биде цитирано низ историските книги и медиумите, и дека едни ќе го афирмираат тоа писмо, а други ќе го оспоруваат заради подоцнежните активности на Темко П. во правец на соработка со српската пропаганда и политика во Макеоднија.

Во писмото до Деспот Бадовиќ, Темко П. продолжил да раскажува за она што го гледал и го слушал во Македонија:

„За да се убедиш во тоа треба да го земеш бугаризмот и да го погледнеш. Бугарската пропаганда се шири овде веќе 20 години, како што тоа го прават во Македонија, во најмрачното време, кога грцизмот – сосема туѓа нација, се обидуваше да се вкорени во македонското срце, а Македонците, кога го видоа зракот на словенството (мисли на бугаризмот), му се фрлија в прегратка, без да внимаваат на постоечките разлики. Го следеа, затоа што се отцепија од грцизмот. Но, што да прават сега, т.е. по 20 години бугарски маки, напори и огромни финансиски вложувања?“, пишува Темко Попов, па во еден искрен дух, на тој 9. Мај 1888 година го продолжил писмото кон неговиот пријател:

„Се чини она, драг Деспоте, што е природно, но неочекувано за Бугарите, т.е. сега секој Македонец признава дека не е Бугарин и гласно ја исповеда својата нација, макар и што сѐ уште користи бугарски средства, немајќи, се разбира, свои. …“.

Клучното прашање во спорот со Бугарија е дали до 1944 Македонците се чувствувале и декларирале за етнички Бугари или чувствувале и декларирале етничка посебност како Македонци, дали секојдневно во приватниот живот говореле бугарски јазик или македонски во тогашната архаично форма, народен македонски јазик пред, кодификацијата во 1945 година и дали македонската нација произлегла од бугарската, што би значело дека и историјата на макеоднскиот народот пред 1944 година е всушност дел од бугарската историја.

 

denesen.mk