недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Благодарење и молитва во планинските висини: Божествена Литургија на врвот Крчин

Таму каде што длабоката ноќ го остава својот мистичен плашт и каде што утрото пред очите твои полека се облекува во ранобудна светлина која денот ти го најавува; таму каде што нозете спокојно чекорат по меки патеки прекриени со златобојни лисја; каде јазикот милува повеќе тишината да ја слуша и устата со секој нов здив внатрешна молитва да твори – таму очите се восхитуваат пред глетката на созданието соотворено од премудриот и прекрасен Создател, таму духот човечки се радува и душата во умиление пребива; таму исправен стамено стои пред ветровите бурни, кои како со своето дување ги шепотат тајните на предците кои светилиште на возљубениот си Бог Му подигнале.

Под ова величествено небо, на овој прекрасен врв Голем Крчин (2341 мнв.), кој преку крстот што на него издигнат стои, сведочи за својата духовна сила, со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г.  Партениј, во смирена синовска љубов, вчера, на 1 септември, по деветти пат отслуживме Божествена Литургија.

Чекор по чекор, и оваа година голем број на љубители на висините, со срца полни надежи и копнежи, се искачија на овој величествен крстоврв. Собрани тука, во огромната прегратка на небото и жедни за примање на благодатната светлина, заедно ги издигнувавме своите мисли и молби, сплотени во една заедничка цел: оваа тивка благодат да не нè остави, туку секогаш да нè крепи и напојува со своите сили.

Бог да ги благослови сите учесници на овој прекрасен настан, нека ги благослови и крепи и нивните семејства и ближни, како и целиот народ Божји.

Бигорски манастир