АктуелноОхрид

Работна акција во Долнодримколскиот Манастир „Собор на Свети Архангел Гавриил“

Возљубени верници и читатели,

Со нескриена радост во срцата наши ве известуваме дека од неодамна, со благослов на нашиот почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и по иницијатива и заложби на нашиот почитуван Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, започна отворање на пристапен пат кон бигорскиот метох, древниот Долнодримколски Манастир посветен на небесниот Собор на Светиот Архангел Гавриил, меѓу народот познат и како Манастирец.

За остварувањето на оваа тешка задача, несебично помогна нашиот ценет пријател и спомагател, дарежливиот г. Борче Марковски од Битола, кој обезбеди специјална механизација и стручен тим за работа. Освен отворање на пат, се работи и на израмнување на површината околу остатоците од некогашниот монументален храм, кој со тек на време беше целосно обраснат и тешко пристапен.

Следната поголема работна акција, со Божја помош, ќе се случи во сабота, на 29 јуни. Со благослов на владиката г. Партениј, оваа акција е организирана од благочестивите модричани г. Ставре Нелоски и г. Митре Добревски и на г. Томе Пеев, кој од страна на дедо Партениј е назначен за домаќин на Манастирот. Во акцијата ќе учествуваат работници-доброволци од селата: Модрич, Луково, Нерези, Прискупштина, Безово, Јабланица и други, како и сопственикот на “НОЧЕ” – ДООЕЛ, г. Новче Чавкоски, кој ќе учествува со специјални дигалки за изнесување на камен. Целта на оваа работна иницијатива е комплетно да се очисти внатрешноста на остатоците од некогаш велелепниот храм од растенијата и камењата. Оваа задача е дел од сеопфатните работни дејности за оспособување на просторот за извршување на богослужба.

Првата Божествена Литургија во Долнодримколскиот Манастир е предвидена за 13 (ст. стил), односно 26 (н. стил) јули оваа година, на празникот Собор на Свети Архангел Гавриил, кога била, всушност, главната слава на Манастирот.

Според Божјата милост и помош, во иднина е планирано возобновување на Манастирот, се разбира, доколку за тоа се обезбедат соодветни средства. Затоа, секој придонес во иднина, без оглед на големината, е добредојден, бидејќи ќе ни помогне во обезбедување на неопходните материјали и ресурси за возобновувањето на древниот Долнодримколски Манастир, метох на Свештената Бигорска Обител.

 

 

Бигорски манастир