понеделник, ноември 25, 2024
АктуелноОхрид

Претседателот Трпчески, самоиницијативно и доброволно, се повлече од функцијата претседател на охридското здружение

На последната седница на Извршниот одбор,претседателот Ѓорѓи Трпчески самоиницијативно и доброволно се повлече од функцијата претседател на ЗП на Охрид и Дебрца, кој на оваа раководно место беше подолги години, прво како стручен соработник, секретар и претседател на ЗП.Иако на изборите во март годинава, беше легално избран од Собранието и Извршниот одбор, сепак одлучи да се повлече од претседател,иако членовите бараа тој да остане до крајот на овој мандат.По барање на членовите, сепак Трпчески ќе остане само како член на Извршниот одбор, како континуитет во работењето на здружението, и да дава смерници и насоки на новите членови на органите со свото долгогодишно искуство.

Трпчески, кој ги помина сите ,,скалила,, во здружението, даде особен придонес во севкупниот развој и успесите што ги постигна оваа граѓанска организација од третата доба. Благодарение на неговите организаторски способности, ентузијазмот, познавањето на пензионерската проблематика, ангажманот и несебичното залагање, ЗП Охрид и Дебрца со 11.500 пензионери беше и остана најреспектабилно здружение во рамките на СЗПМ со многу награди, и признанија. Поради неговата умешност во раководењето и знаење,се создадоа услови Трпчески да го води здружението полни 27 години, што навистина е успех за поздравување и респект.

Со самото негово вклучување во здружението по пензионирањето, тој е еден од основачите и непосреден учесник на Републичките спортски натпревари на пензионерите заедно со поранешниот претседател на СЗПМ Вите Исјаноски ,како и формирањето на Солидарниот фонд.
За поздравување е фактот што Трпчески, меѓу првите претседатели во рамките на СЗПМ ја покрена иницијативата за збратимување на охридското здружение со здруженија вон нашата република.Како потврда на тоа, ЗП Охрид и Дебрца нешто повеќе од десет години има успешна братска соработка со КОнфедерацијата на пензионерите на Поградец-Албанија, ЗП Врање-Србија, ЗП Стара Загора-Бугарија, и ЗП Солидарност-Аеродром, Скопје, а во тек се преговори за воспоставување на збратимување и со ЗП Будва од Црна Гора, и други.

Успесите на ЗП Охрид и Дебрца на спортски план, се на идеја на Трпчески, на кои се постигнати одлични резултати, како на регионалните така и на републичките натпревари, а тој бил иницијатор, организатор а неколку пати и учесник во дисциплината скок од место, при што освоил и неколку златни медали. Охридските спортски пензионери на републичките натпревари имаат освоено најмногу први места и тоа вкупно осум,а ниту едно здружение нема освоено шест пати последователно први места, непрекинато и тоа од 2010 до 2016 година.

Ѓорѓи Трпчески како досегашен претседател на ЗП Охрид и Дебрца, има забележано голем успех и во публистичката и литературната дејност. Тој е автор на првата монографија ,,55 години пензионерско организирање во Охрид,, и на втората пообемна монографија под наслов ,,Охридските пензионери низ времето-култура, спорет, и рекреација,,. Трпчески мотивиран од неговото авторство на двете монографии за ЗП Охрид и Дебрца, ја подготви
монографијата за неговото родно село Завој, под наслов, ,,Завој, корени, стебла, и обичаи,,. Монографиите на авторот Трпчески наидоа на добар прием од охридските пензионери и неговите завојчани.

Само за потсетување, од ова село потекнува и познатиот и признат академик Димитар Митрев, кој со своите дела го мотивирал Трпчески да ја подготви Монографијата за селоото Завој, во која авторот Трпчески, во родовите стебла го спомнува и потеклото на семејството на академикот Митрев.

Сакајќи успесите во сите свери на активност на здружението да останат забележани како траен белег за идните генерации,покрај монографиите, на идеја на Трпчески е снимен и документарен филм ,,Тоа сме ние ЗП Охрид и Дебрца,,. Исто така на негова иницијатива своевремено е формиран и Ансамблот ,,Далги, кој со успех и добар прием наиде на Европскиот пензионерски фестивал во Љубљана-Словенија заедно со ЗП Солидарност-Аеродром,,, во 2018 година.Несебичен придонес Трпчески има постигнато и во други културни, спортски и хуманитарни манифестации, а е воспоставена соработка со локалани институции,граѓански здруженија и слично.

За време на неговото работење и раководење, Трпчески покажа и голема величина со својот комуникативен однос кон секој пензионер.Тој е успешен раководител , хуманист, човек со големо срце, знае да сочуствува со маките и тешкотиите на луѓето ,влева доверба, и со посебен респект се однесува кон соработниците и пензионерите.

Сите успеси и резултати што ги постигна ЗП Охрид и Дебрца,се резултат на досегашниот претседател Ѓорѓи Трпчески, кој за своите неспорни заслуги има добиено многу значајни награди и признанија од локално и републичко значење.

Трпчески е добитник на плакета и е почесен член на Конфедерацијата на пензионерите на Поградец-Албанија,признание за соработка со ЗП Врање-Србија,ЗП ,,Солидарност-Аеродром,, од Скопје, плакета по повод јубилејот 75 години на СЗПМ, како и многу други награди,пофалници и признанија.

Сепак едно од најомилените и највредно, му е највисокото општинско признание ,,Повелба на Свети Климент Охридски на град Охрид, за 2012 година.