понеделник, ноември 25, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Слоу Фуд Охрид со цветни бомби за зачувување на биодиверзитетот

Без оглед на дилемата дали тоа навистина го кажал, сепак на Алберт Ајнштајн му се припишуваат славните цитати: „Ако пчелите исчезнат од површината на земјата тогаш човекот би имал уште само 4 години живот. Нема да има пчели, нема да има опрашување, нема да има растенија, нема да има животни, нема да го има и човекот“ или пократко: „Ако пчелите исчезнат, човекот нема да има повеќе од 4 години опстанок“.

Слоу Фуд Македонија крева своевидна револуција за пропагирање на добра, чиста и правична храна. Ова движење за промена нè уверува во животен стил со подобар квалитет. Тоа е идеја и начин на живот кои имаат потреба од многу сигурна и постојана поддршка. Како дел од клучните цели на целата мрежа се и: поддршка на локалните производители, заштита на семињата, заштита на локално произведена и сезонска храна според традиционални практики и зачувување на старите наследени рецептури, заштита на географската ознака на производот, зачувување на биодиверзитетот…..


Во однос на зачувувањето на биодиверзитетот, Слоу Фуд Македонија, со поддршка на своите конвивиуми, започна акција „ ФРЛИ ЦВЕТНА БОМБА“- да ги зачуваме пчелите, да го зачуваме биодиверзитетот ! Во неа активно се вклучи и Слоу Фуд Охрид со низа активности.
Со учениците од клубот на екологисти, во мешан состав, од предметна настава, во ООУ „Кочо Рацин“- Охрид како и со ученици од одделенска настава при ООУ „Св.Климент Охридски“- Охрид, членовите на Слоу Фуд Охрид одржаа интерактивна работилница која се состоеше од:
*Што претставува Slow Food Macedonia и Slow Food Ohrid и кои се нивните цели, мисија и визија (предавач: проф.д-р Ангела Паскуале, претседател на Slow Food Ohrid)
*Мини промоција на списанието за деца „ПОЛЖАВЧЕ“
*Што се цветни бомби? Која е идејата за нивна подготовка? Какво влијание имаат врз биодиверзитетот? Што ќе се постигне од оваа акција? (модератор-едукатор: Наташа Неданоска- член на Slow Food Ohrid и наставник по македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“- Охрид како и Сања Бачевски,дипломиран инженер по хортикултура)
Работилница за изработка на цветни бомби (реализатор: Акин Сезер- член на Slow Food Ohrid, сопственик на органска фарма како и Весна Миленкоска, член на Slow Food Ohrid, професионалец во изработка на леб и друг вид храна од кисело тесто)

Што е цветна бомба?
Топче составено од комбинација на компост, глина и семиња. Компостот и глината имаат улога на носители на семето кое може да се фрли на запуштени локации, ниви, покрај патишта.

Зошто баш цветна бомба?
Предизвикот е да се подигне свеста за драстичното опаѓање на опрашувачите- поленаторите (пчели, пеперутки, бумбари) кои играат клучна улога во одржување на биодиверзитетот и одржување на системот на храна. Без нив, голем број разтителни и животински видови повеќе нема да постојат.

Ние во нашите цветни бомби ставивме семе од: сончоглед, невен, камилица, мајчина душица, жалфија,…

Денес, на 21.3.2023 год., во дворот на Касарна HUB, кадешто најчесто активистите на Слоу Фуд Охрид ги одржуваат своите состаноци, беа фрлени цветните бомби со помош на учениците кои помагаа во изработка на истите. Исто така, цветни бомби беа фрлени во опкружувањето на двете училишта кадешто се одржуваа и работилниците за нивна изработка.