понеделник, ноември 25, 2024
АктуелноОхрид

Денес се празнува Свети Порфириј , епископ Гаски

Овој голем архипастир се роди во Солун од богати родители. Младоста до дваесет и петтата година ја проживеа во родниот град, а потоа го напушти родителскиот дом и светскиот живот и се оддалечи во египетската пустина. Под раководство на опитен духовник, младиот Порфириј таму се замонаши и мина пет години. Потоа ја посети Светата Земја заедно со својот соподвижник, монахот Марко. Се подвизуваше во една пештера близу Јерусалим пет години, но тогаш раслабе во нозете и не можеше да оди. Сепак, ползејќи на колена, постојано ги посетуваше Божјите служби. Една ноќ му се јави во видение Самиот Господ и го исцели од болеста во нозете и стана сосем здрав. Кога го избраа за епископ во Газа, Порфириј ја прими таа должност со тешко срце. Во Газа затекна само двесте и осумдесет христијани; сите други жители беа идолопоклоници, и тоа фанатици. Само со својата голема вера и трпение Порфириј успеа да ги приведе Газаните во Христовата вера. Мораше лично да патува во Цариград кај царот Аркадиј и кај патријархот Јован Златоуст за да бара потпора во нерамноправната борба со идолопоклониците. Бараната поддршка ја доби. Идолските храмови беа затворени, идолите урнати, а тој изгради прекрасна црква со триесет меремерни столбови. Ѕидањето на овој храм особено го помогна царицата Евдоксија. Порфириј поживеа доволно долго за да го види целиот град Газа обратен во христијанската вера, но дури после неговите долги и тешки напори, страдања и плачни молитви кон Бога. Се упокои мирно во 421 година. Беше чудотворец за време на животот и по смртта. Моштите и денес му почиваат во Газа.

denovi.mk